Министерот за правда Кренар Лога ја поздравува одлуката на Владата за повлекување на Законот за рестриктивни мерки

Министерот за правда Кренар Лога ја поздравува одлуката на Владата за повлекување на Законот за рестриктивни мерки, со оглед на тоа што претходно Министерството за правда даде негативно мислење и укажа на низа законски пропусти во предложеното решение, велат за МИА од Министерството за правда.

Од Министерството посочуваат дека предложеното дополнување на наведениот Закон со кое би можеле да се воведуваат, изменуваат и престануваат рестриктивните мерки врз основа на „правни акти на САД и правни акти на Обединетото Кралство“ беше во спротивност со уставниот поредок и суверенитетот на Северна Македонија.

Министерството за правда смета дека воведувањето на рестриктивни мерки со одлука на Владата врз основа на сомневање, не е во согласност со Уставот и со системот на казненото право воопшто, велат оттаму за МИА

Владата вчера соопшти дека Предлогот за измени на Законот за рестриктивни мерки е повлечен од собраниска процедура поради административни причини и додаде дека тој се очекува да се најде на дневен ред на следната владина седница на која треба да биде дадено ново одобрение.