Министерот Османи: „Нема да прифатиме ништо помалку од полноправно членство во ЕУ“

– Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, рече дека земјата нема да прифати ништо помалку од полноправно членство во Европската Унија (ЕУ).

Министерот Османи одговараше на прашањата на новинарите кои побараа коментар по изјавите на високи европски претставници и лидери на земји членки на ЕУ.

Прашањето се однесуваше на тоа дали Северна Македонија е подготвена да прифати членство со нееднакви права во ЕУ како услов, притоа повикувајќи се на изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон за „Европа со неколку брзини“.

Министерот Османи се наврати на изјавата на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој на Бледскиот стратегиски форум рече дека Унијата ќе биде подготвена да прима нови членки во 2030 година.

Исто така, Османи рече дека во Блед добил уверување од високи француски претставници, меѓу кои и француската министерка за европски прашања, Лоренс Бон, дека Макрон не зборувал за „брзини“ во смисла на привилегирани и помалку привилегирани земји членки.

„Изјавата на Макрон, на прво читање, може да звучи како да е демантирање на претходното (изјавата на Мишел). Но во Блед беа неговата министерка за европски прашања, Лоренс Бон, која беше и во Скопје. Беше Александар Адам, кој беше негов советник и креатор на францускиот предлог. И тие кажаа дека Макрон зборувал за брзини во смисла дека нема сите да влезат наеднаш, туку со различни брзини во зависност кој кога ќе биде подготвен, а не Европа во слоеви, во смисла привилегирани и помалку привилегирани бидејќи ние нема да прифатиме ништо помалку од полноправно членство во Европската Унија”, рече Османи.

Тој, исто така, изјави дека подолго време го промовира концептот „повеќе интеграција пред членство“ што, според него, предвидува земјата што ќе исполни одредено поглавје од преговорите да стане дел од таа политика на Унијата.

Според Османи, на овој начин земјите кандидати ќе влегуваат во единствениот пазар, ќе имаат пристап до фондовите на ЕУ и ќе бидат во Унијата и пред самото членство.

„Единствено што нема да имаме дотогаш е правото на глас, кое ќе го добиеме на денот на членството. Мислам дека на овој начин и ние ќе имаме годишни цели што ќе ги постигнеме наместо само една долгорочна цел што е малку далеку и, еве, ни создава фрустрации“, рече Османи.