Министерството за внатрешни работи на Србија откри дека го чува Коста К.: “Ова е причината поради која нема шанси да избега!“
Коста К., 14-годишникот кој на 3. мај уби девет соученици и еден чувар во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, е под 24-часовен полициски надзор, а Министерството за внатрешни работи на Србија наведува дека малолетникот не може да избега, пренесуваат соседните медиуми.
„Потенцираме дека малолетното момче е под 24-часовен полициски надзор, што ја оневозможува секоја можност за бегство“, соопшти денес Министерството за внатрешни работи на Србија, објавија српските медиуми.
Blic.rs пишува и дека Коста К. моментално се наоѓа на Клиниката за неврологија и психијатрија за деца и млади во Белград. „Од 3. мај на споменатата клиника е Коста К. Вработените во истата строго го надгледуваат“, пишува Blic.rs.
На таткото на Коста К. во моментов му се суди за тешко кривично дело против општата безбедност, а на 18. јули како дел од тој процес сведочеше и Коста К. Обвинителот, адвокатот на таткото на Коста К. и адвокатот на родителите на убиените деца го испрашувале 14-годишното момче четири часа.
Прашањата се однесувале на оружјето што му припаѓало на неговиот татко, со кое го извршил масакрот во „Владислав Рибникар“. Тој одговарал и на прашања за причините за извршување на делото.
„Кажа дека се кае. Не сакал да ги погледне фотографиите на учениците кои ги убил. Вели дека му е незгодно“, изјавил добро упатен извор Blic.rs.
Коста К. за време на сослушувањето рекол дека „не било лесно да се дојде до оружјето“. Сефот во кој татко му го чувал оружјето се наоѓал во близина на таванот од собата, а тој морал да ја дознае шифрата на сефот.
„Кога тато го отклучуваше, видов дека шифрата е 637“, рекло 14-годишното момче.
Коста К. рекол дека татко му сакал пиштоли и дека го однел на стрелиште. Првиот контакт на момчето со оружје го овозможил инструктор на стрелиштето. Момчето-убиец рекол дека тој човек бил слаб, средовечен маж со седа коса. Инструкторот го учел да користи пиштол од типот Glock, а понекогаш на стрелиштето имало и други инструктори чии имиња не ги знаел.