Министрите за одбрана на Грција и Турција ги посетија областите погодени од земјотресот

Трагедиите и природните катастрофи од овие размери се над секој проблем и секоја разлика меѓу нас, порача министерот за одбрана на Грција Никос Панајотопулос по средбата со неговиот турски колега Хулуши Акар во центарот за координација и управување со кризи во Антиохија, јави дописничката на МИА од Атина.

Двајцата министри со хеликоптер надлетаа над областите погодени од земјотресот во југоисточна Турција, посетија болница, како и делови каде што привремено се згрижени луѓето кои останаа без домови, а Акар го информирал Панајотопулос за моменталната состојба. 

Министерот за одбрана на Грција уште еднаш изрази сочувство до Турција и турскиот народ и ја потенцираше симболичната порака од посетата.

-Би сакал да ја истакнам симболичната порака од мојата денешна посета, дека трагедиите и природните катастрофи од овие размери се над секој проблем и секоја разлика меѓу нас и можат да дејствуваат како алатки кои ја намалуваат тензијата и на тој начин создаваат услови кои ја олеснуваат комуникацијата и средби меѓу двете страни. И секако, крајната цел е, доколку се исполнат потребните услови, а треба да работиме за тоа, создавање клима на стабилност и соработка меѓу нашите земји, порача Панајотопулос.