Мирен и масовен протест на учениците и студентите во Атина за железничката несреќа

 – Со едноминутен молк и 57 црни балони пуштени во воздух, илјадници ученици и студенти пред грчкиот Парламент им оддадоа почит на загинатите 57 лица во железничката несреќа кај месноста Темпи што се случи во вторникот навечер.

Учениците и студентите одржаа мирен и масовен протест во Атина што заврши пред зградата на компанијата „Hellenic train“, каде што напишаа „Убијци“ и „Профит обоен со крвта на студентите“, што воедно беа и нивните слогани и подигнаа црно платно.

Додека маршираа низ улиците во Атина, во еден гласа скандираа „Пиши кога ќе стигнеш, но никогаш не стигна, ќе се одмаздиме за тебе“, а паралелно на бели балони го имаа испишано бројот на загинати (57) и коментар „57 билети за смрт“.

Демонстрантите коментираа дека денешниот протест има особена тежина и поради фактот што поголемиот дел од загинатите се млади луѓе, студенти, на нивна возраст.