Митрополитот на Имврос и Тенедос г. Кирил: Процесот за доделување на Томосот за автокефалија е на добар пат

– Братството на Бигроскиот манастир и сестринствата од Рајчица и Пречиста, предводени од владиката Партениј, а со благослов на надлежниот архиереј владиката Тимотеј, беа на поклоничко патување на островот Имврос, а од вчера се во Царигард, информираа од Бигорскиот манастир.

-Процесот за доделување на Томосот за автокефалија е на добар пат. Уверен сум дека процесот на присоединување на Охридската Архиепископија, како автокефална црква ќе биде заокружен и дека Томосот за автокефалност, Вселенскиот Патријарх Ватроломеј ќе го донесе во Охрид, изјавил Митрополит на Имврос и Тенедос г. Кирил од Вселенската патријаршија.

Додал дека верува дека „Архиепископот Стефан и Свештениот Синод, но и Вие лично, ќе работите за да се заврши сѐ она што треба да биде, како би стасале до оној благословен ден кога Неговата Сесветост ќе богослужи во историскиот храм „Света Софија“ во Охрид, за да го предаде Томосот за автокефалија на Охридската Архиепископија“.

-Секако, тоа е едно мачеништво, не бескрвно, тешка борба затоа што постои спротивната страна – ѓаволот, кој се обидува да го искористи моментот и да направи прашина и проблеми. Но, убеден сум дека еклисиолошката свест на сите што ја сочинувате Охридската Архиепископија ќе ги одведе работите онаму каде што треба да стасаат. Нѐ трогна архиепископот завчера, во понеделникот на Света Троица, кога по завршувањето на Светата Литургија, обраќајќи се кон Патријархот на Србија, му се заблагодари на нашиот Вселенски Патријарх што обезбеди каноничност и изрази надеж за доделување на Томос за автокефалност, изјавил митрополитот Кирил.

Владиката на Имврос, кој неколку пати беше во посета на МПЦ-ОА, а беше дел и од Струшката литија и, како што рекол, по задача на Вселенскиот патријарх Вартоломеј да се посвети на Охридската Архиепископија. Од она со што досега се сретнал му донело благослов и радост.

-Вашата посета и вашето присуство е навистина историски настан. Верувам дека овде, на нашиот Имврос, никогаш претходно во поновата историја не прокружиле толку монашки раса, монаси, монахињи, клирици, епископи. И навистина чувствувам дека сте еден ангел, гласник одгоре, кој доаѓате да ни кажете дека таа каноничност отвори една голема прегратка, за да ја собере и Охридската Архиепископија во православната Црква. Тешките години поминаа и сега повторно заедно чекориме, сослужуваме, заедничариме во Телото и Крвта на нашиот Христос од светиот путир и се веселиме сите заедно. Навистина е историска вашата посета и присуство, Преосвештен Владико, изјавил владиката Кирил.

Во своето обраќање владиката Партениј посочил дека доколку во светот соперништвото може да роди иновативност и да биде корисно за оние кои спорат, доколку спорат доблесно, во Црквата не смее да има непријателство и спротивставени табори, зашто еден е Патот, една е Вистината, еден е Бог и една е Верата.

– Од житијата на мачениците знаеме дека Бог се сведочи докрај и од житијата на Светите Отци знаеме дека Верата се брани без компромис. Да се помолиме на Богородица и на Светиот Кирил Александриски, да се охрабрат сите срца на оние што од лични и суетни причини не сакаат да го спомнуваат наследникот на Свети Јован Златоуст, бидејќи во својата заблуда тие не сфаќаат дека Првиот престол на Вселената не може да биде одделен, туку само тие да бидат отсечени од него. Нека Бог ни го врати потполното единството на Црквата и да ги собере сите свои чеда заедно, посакал владиката Партениј.

Тој му се заблагодарил на светиот пастироначалник, Митрополитот на Имврос и Тенедос, г. Кирил, за „огромната чест што ни ја направи при нашиот престој на ова благословено место, а кое се овенча со ова свето литургиско празнување и повторно да му посакам многу и благословени години“.