Мицкоски на средба со Сарацин: Прифаќање бугарски диктат нема да се случи

На средбата помеѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин, станало збор и за актуелните политичко-економски состојби во државата и за, како што велат од опозициската партија, реалните предизвици со кои се соочуваат граѓанитеПрифаќање бугарски диктат нема да се случи – гласи позицијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ која денеска била реафирмирана од партискиот лидер Христијан Мицкоски за време на средбата со специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин, кој е во посета на Скопје. Мицкоски ова го кажал говорејќи за усвојувањето на уставните измени за што, како што нагласил, актуелната влада нема легитимитет. На средбата со Сарацин станало збор и за актуелните политичко-економски состојби во државата и за, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, реалните предизвици со кои се соочуваат граѓаните.

„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ги истакна реалните проблеми на граѓаните како што се недостатоците во образование, немањето учебници, проблемите во економијата, високата инфлација и редица други неуспеси кои потврдуваат дека власта е далеку од споделувањето на европските вредности и цели“,додаваат од ВМРО-ДПМНЕ во партиското соопштение.

На средбата со специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан станало збор и за последните измени на Кривичниот законик со кои се предвидува намалување на казните за злоупотреба на службената положба и за злосторничко здружување. Мицкоски кажал дека со измените на КЗ власта се подготвува за амнестирање на своите кадри, а оти откако ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт, приоритет ќе биде борбата со корупцијата.Пред средбата со Мицкоски, Сарацин се сретна со претседателот на Собранието, Талат Џафери. Од средбата со спикерот, специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан порачал дека не треба да се потценува временскиот период за усвојувањето на уставните измени.