Мицкоски не ги коментира случувањата во ДУИ, но го охрабрува Ахмети да се кандидира за претседател

– Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски не открива кој ќе биде претседателскиот кандидат на партијата, посочувајќи дека тоа ќе се знае по конвенцијата на 2 март.

По денешната посета на Охрид, одговарајќи на новинарски прашања за информациите дека професорката Гордана Силјаноска Давкова ќе биде партискиот кандидат во трката за претседател на државата, Мицкоски рече дека партијата има јавна и транспарентна постапка.

– Во моментот имаме јавен повик, кој ќе трае до 21 февруари. Сите заинтересирани кандидати имаат можност да аплицираат и потоа на конвенцијата нешто помалку од 500 делегати ќе одлучат кој ќе биде кандидат и идниот претседател на Македонија поддржан од ВМРО – ДПМНЕ и огромното мнозинство од народот, изјави Мицкоски.

На претстојните претседателски и парламентарни избори очекува победа.

– Тука немам никаква дилема, ниту јас, а од тоа што можеме да го видиме во јавноста ниту власта, бидејќи тие секаде велат дека ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата ќе победат, но тие имале тајна скриена стратегија со која ВМРО – ДПМНЕ немало да направи влада. Тука има две скриени пораки. Првата е, ако е точно тоа што го кажуваат, тогаш како неможело идна влада да биде замислена без ДУИ со 12 до 15 пратеника, а можеме да имаме идна влада без ВМРО – ДПМНЕ со 57-58 пратеника. Нека излезат на улица нека го прашаат народот за тоа и ќе им каже што мисли за нивната замисла. Тоа нема да се случи. Втората скриена порака е кон нивното членство. Манипулативно, за да можат да ги мобилизираат нивните активисти и членство, рече Мицкоски.

Не сакаше да ги коментира информациите дека ДУИ ќе оди со свој претседателски кандидат и оти тоа ќе биде лидерот на партијата, посочувајќи дека го охрабрува Али Ахмети да се вклучи во трката за претседател.

– Би го советувал доколку му значи нешто мојот совет да не го објавуваат портали кои ги плаќа кабинетот на неговиот близок соработник. Ценам дека треба да излезе да се охрабри и сам да ја најави кандидатурата. Нема потреба да се крие позади такви спинови. Ако тој цени дека ќе постигне резултат, кој ќе биде значаен тогаш зошто да се крие позади нарачани текстови, на портали кои ги финансира неговиот соработник од народни пари. Мојата порака и совет би бил дека ова е одлична можност за незаслужена политичка пензија, рече Мицкоски.

Според него, окрупнувањето на албанската опозиција е добар чекор за демократијата во земјава, а ДУИ добро е да замине во опозиција за, како што рече, да доживее внатрешно реформирање.

Најави дека во тек се и внатрепартиски процедури за избор на кандидати за пратеници од Охрид. 

Во однос на прашањето за пасошите, Мицкоски рече дека решението е понудено во закон, доставен до Парламентот и дека се чека поддршка од владејачкото мнозинство.