Мицкоски отфрли одговорност за спорот со германската компанија „Бабкоб“

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ги отфрли обвинувањата од директорот на АД ЕСМ Васко Ковачевски дека компанијата може да биде оштетена за 28 милиони евра ако го загуби спорот со германската компнаија „Бабкоб“  чиј договор за сервисирање на постројки во РЕК Битола бил еднострано раскинат во 2016 од тогашното раководство на ЕЛЕМ.

-Не е точно дека е раскинат. Прво, не сум бил во 2016, да бидам прецизен, јас бев именувам крајот на септември 2016, заминав од ЕЛЕМ почетокот на август 2017 година, отприлика 10 и половина месеци, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Кавадарци.

Како што рече, германската компанија „Бабкоб“  требало да изврши модернизација на котлите во РЕК Битола, биле завршени Блок 1 и Блок 2, и требало да ги потврди техничките параметри дадени во понудата.

-Нормално е дека кога купувате нешто и кога давате пари за тоа треба од тој што ви го продава или тој што ги извршува тие активности да ги докаже тие перформанси за коишто вие давате пари. Потоа во тоа време настана смена во АД Електрани и процесот го водеше тогашното раководство на АД Електрани којшто доаѓаше од редовите на СДСМ. Штета што актуелното раководство заслепено од провизиите и наместените тендери за ископ во РЕК Битола во четири очи не ги прегледале датумите и ја манипулираат и ја лажат јавноста,  рече Мицкоски.