Јас ги штитам, пред сѐ, интересите на Македонија, а потоа и на сите граѓани и нормално интересите на стотици илјади семејства, кои очекуваат ВМРО-ДПМНЕ да победи на следните избори и да направи од Македонија подобро место за живеење. Секој што ќе застане на патот со спротивни интереси од овие, моја обврска е да се спротивставам и да го совладам, вели Мицкоски за „Фокус“.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“, ги коментира информациите дека со Зоран Заев договорал предвремени избори, се осврнува на тврдењата на Али Ахмети дека е дел од „хибриден фронт“, реагира на обвинувањата на Љубчо Георгиевски дека ВМРО-ДПМНЕ предводи процес за србизација, а одговара и на прашањето дали смета дека можеби порано требало да се огради и дистанцира од Никола Груевски.
Разговараше: Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: Дали сте дел од хибриден фронт против ДУИ, како што тврди партискиот лидер Ахмети?
МИЦКОСКИ: Тоа е слаб смисол за хумор и сатира од некој од раководството на ДУИ, обид криминалот да го претстават како етничко и политичко прашање.
ФОКУС: Колку средби сте имале со поранешниот премиер Заев и дали сте договарале предвремени избори?
МИЦКОСКИ: Не, не, не е точно!
ФОКУС: Водите ли политика за србизација, како што ве напаѓа првиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Георгиевски?
МИЦКОСКИ: Не би го коментирал Георгиевски, посебно не на тема поврзана со ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи својата иднина ја гради во прегратките на Ахмети и СДСМ и нормално да ги застапува интересите и да ги рефлектира позициите на своите стопани.
Жалам што на одредени политичари во својата политичка кариера им беше тешко да се Македонци, но ова раководство на чело со мене се Македонци и се борат за интересите за македонскиот народ и македонизација на Македонија.
ФОКУС: Што мислите – дали требаше порано и поексплицитно да се оградите од поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Груевски?
МИЦКОСКИ: ВМРО-ДПМНЕ пред мене имала двајца претседатели. Секој од нив си одбрал своја патека. Во одреден момент, кога нивното дејствување влијае врз политиките на ВМРО-ДПМНЕ и е во спротивност, тогаш јас како претседател сум должен тоа да го изнесам и да предупредам на последиците и да се спротивставам.
Кога кој било од нив ќе дојде дома кај мене на гости, тие дошле во приватна посета на Мицкоски. Кога дошле кај мене на факултет, ако дојдат некогаш, може да отвориме тема за образованието, енергетиката, таму сум професорот.
Но, овде јас ги штитам, пред сѐ, интересите на Македонија, а потоа и на сите граѓани и нормално интересите на стотици илјади семејства, кои очекуваат ВМРО-ДПМНЕ да победи на следните избори и да направи од Македонија подобро место за живеење. Секој што ќе застане на патот со спротивни интереси од овие, моја обврска е да се спротивставам и да го совладам.