Новото лице на СДСМ: Како Пеце Мирчески стана “втор човек” во партијата на власт!?

Ако се послужиме со логиката од времето на комунизмот, дека не е важно на која функција се наоѓаш туку е важно колку на фотографиите си блиску до лидерот или колку често си фотографиран со лидерот, тогаш Пеце Мически несомнено стана човек број 2 во СДСМ. Во последните два месеци Мирчески, кој обично беше “под радарот” на сите настани во и околу СДСМ сега одеднаш почна да ги “сака рефлекторите и камерите”.

Првото јавно појавување на Мирчески беше на 28 август во Блед на Бледскиот стратешки форум, кога е дел на екипата составена од премиерот и лидер на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски, вицепремиерот и секретар за меѓународна соработка на СДСМ, Бојан Маричиќ. Тие во Блед имаа средба со Пеџа Грбин, кој е лидер на СДП или хрватските социјалдемократи. Тоа беше изненадување бидејќи Мирчески кој беше член на Извршниот одбор на СДСМ во мандатот на Зоран Заев, во актуелниот состав не е на високи партиски позиции, барем не беше за време на таа бледска средба.

Потоа Мирчески се појавува на Меѓународната спортска манифестација во традиционални пеливански борби, во с. Цветово, Општина Студеничани. И тоа е објавено на сајтот на СДСМ. Интересно е дека на таа средба Мирчевски исто така седи до Ковачевски, од неговата лева страна, а од десната страна до Ковачевски седи министерот за внатрешни работи и сериозен кандидат за кандидат на СДСМ на претседателските избори, Оливер Спасовски. На таа фотографија е и организациониот секретар на СДСМ, Митко Трајчулески, за кого, по враќањето на премиерот Ковачевски од Њујорк, се спекулираше дека може да биде унапреден на позицијата генерален секретар на СДСМ, но тие шпекулации сега ги снема. На таа фотографија е и актуелниот генерален секретар на партијата, Миле Зечевиќ но тој е накако отфрлен на страна и се однесува како да е на сила ставен на таа маса.

По долго време, на вчерашното одбележување на големиот национален празник 11 Октомври, Зечевиќ повторно се најде рамо до рамо со Ковачевски, но веќе извесно време Зечевиќ не е толку застапен на сајтот на владеачката партија, како модерна инкарнација на Никола Карев или на Даме Груев. Информациите велат дека тоа се должи на разочараноста на првиот човек за односи со медиумите, или “сдсмовскиот Мартин Протуѓер”, од одредени нотарски разврски во државата кога Зечевиќ малку солирал и не го исполнил тоа што треба.

Да се вратиме на Мирчески. Иако без партиска функција Мирчески се појавува како дел од победничкиот тим или тимот на СДСМ за победа во првата изборна единица, како што напиша Димитар Ковачевски на инстаграм. На таа фотографија е Андреј Петров, член на ИО на СДСМ и прв човек на РИШ на СДСМ за првата изборна единица, Сања Лукаревска која е заменик претседател на СДСМ, поранешниот градоначалник на Скопје и член на ИО на СДСМ, Петре Шилегов и Пеце Мирчески.

И вчера Пеце Мирчески се појавува заедно со Оливер Спасовски на чествувањето на 11 Октомври. Иако Мирчески беше дел на кабинетот на Бранко Црвенковски, кога шеф на кабинетот е Наташа Савова, а во кабинетот е и актуелниот Претседател на државата, Стево Пендаровски, Мирчевски не ја поддржува кандидатурата на Пендаровски за втор претседателски мандат и е еден од главните лобисти за Оливер Спасовски.

Инаку, Мирчевски уште од доаѓато на СДСМ на власт е прв човек на СОЗР или Службата за општи и заеднички работи и важи за човек од најголема доверба и личен пријател на Димитар Ковачевски. Мирчески беше дел на онаа славна екипа која ги изгуби локалните избори во Карпош во 2013 година а сега е на власт во СДСМ, каде освен Мирчески се и Димитар Ковачевски, Андреј Петров, потпретседателот и директор на Царинската Управа, Стефан Богоев и други.