Мицотакис: Грците имаат секакви причини да бидат пооптимисти за иднината 

– Оптимизам за иднината на Грција изрази грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, додека пак претседателката на земјата Катерина Сакеларопулу се осврна на спортското насилство, во изјавите по повод денешниот празник Голема Богородица, јави дописничката на МИА од Атина. 

Грчкиот премиер ја следеше литургијата на островот Тинос од каде што порача дека денешниот ден е ден на надеж и оптимизам, а „Грците имаат секакви причини да бидат пооптимисти за иднината“.

-И покрај тешкотиите со кои се соочуваме, нашата земја веќе ја надмина десетгодишната криза и има секакво право, кон иднината да гледа со повеќе надеж и повеќе оптимизам, на крајот на краиштата, порача Мицотакис. 

Претседателката на Грција присуствуваше на литургија во Александруоли, од каде што рече дека ова лето „беше обележано од разорните пожари и трагични загуби, како и од уште еден инцидент на спортско насилство, симптом на болни патогении, кои не се во согласност со нашата култура и иднината што ја посакуваме за нашите деца“.