Мицотакис ќе побара од Сакеларопулу распуштање на Парламентот во пресрет на изборите на 21 мај

 Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис претпладнево ќе се сретне со претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу и ќе побара распуштање на Парламентот, по што ќе започнат и соодветните процедури во пресрет на парламентарните изборит на 21 мај, а земјата и официјално ќе влезе во предизборен период, јави дописничката на МИА од Атина.

Сакеларопулу ќе треба да потпише претседателски декрет за распуштање на Парламентот, а одлуката во текот на денот ќе биде закачена на влезната врата на Парламентот.

Партиите и официјално ќе ја започнат четиринеделната предизборна кампања, иако неофицијално веќе е во тек, со оглед на тоа дека партиските лидери ги интензивираа посетите низ цела Грција, одржуваат говори, средби со граѓани и сл.

Во пресрет на изборите следниот месец, се очекува да биде сменет министерот за внатрешни работи, кој е надлежен за изборниот процес, додека пак портпарол на грчката Влада Јанис Иконому, како што вчера објави МИА ја напушти досегашната позицијата, со оглед на тоа дека ќе биде кандидат за пратеник, а на негово место дојде државниот министер Акис Скерцос.

На крајот на март за време на владината седница, грчкиот премиер соопшти дека изборите во земјата ќе се одржат на 21 мај 2023 година.