Многу е важно државата да биде способна да ги заштити граѓаните и да им покаже дека судскиот систем постои за нив, вели шпанската министерка за правда Куенка

– Многу е важно државата да биде способна да ги заштити граѓаните и да им покаже дека судскиот систем постои за нив, за да им помогне и да им ги реши проблемите, бидејќи граѓаните кои не веруваат во своите институции, никогаш нема да им пристапат и ќе се чувствуваат незаштитени и дека не им се почитуваат основните права, порачува министерката за правда на Шпанија Мариа Пилар Лоп Куенка.

Прашана за тоа како може да се подобри и какво влијание има ниската доверба на граѓаните, Куенка на заедничката прес-конференција со еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс и министерот Кренар Лога, посочи дека постојат различни средства и механизми во различни системи и земји.

– Дел од нив се обуката на судии и јавните обвинители, транспарентноста и еднаквоста за сите. Но најважно е да имаме добро обучени, непристрасни и политички необоени судии. Тоа ја зголемува довербата. Одговорноста, дисциплинските мерки и етиката, е многу важно да се применуваат кај лицата што ја спроведуваат правдата, изјави Куенка.

Ефикасноста на целиот систем, посочи Куенка, исто така, се многу важни и треба да се воспостават механизми за процесно управување, дигитализацијата и многу поголема оперативност при водењето на судењата.

–  Правниот систем мора да биде брз, пристапен и ефикасен за сите граѓани, кои живеат на територијата на земјата. Тоа треба да биде гарантирано на секое лице и секое место, без разлика каде се наоѓа во европскиот систем, да ги има истите права на територијата на целата ЕУ. Тоа е една кохезија, која обезбедува доверба. На, на ова мора да се работи, и системот мора да се менува, изјави Куенка.

Кога размислуваме за пружање на нашата судска помош, Куенка нагласува, дека мора да се фокусираме на граѓанинот.

Во однос на ниската доверба на граѓаните во судството и колку овој проблем е сериозен за една земја кандидат за членство, Еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс, вели дека се свесни дека постои низок степен на доверба во судството во регионот и дека работат на тоа и во реформите.

–  Точно е дека не е доволно да се донесат нови закони и ново законодавство со стандарди, потребно е да се напредува и во перцепцијата кај јавноста, граѓаните и правните субјекти во тој правен систем. Тоа е важно, изјави Рејндерс.

Судството е важно, посочи Рејндерс, и затоа инсистираме на имплементација на препораките кои доаѓаат од проектот за следење на судските постапки преку ОБСЕ.

– Да се обидете да изградите подобар степен на доверба од страна на граѓаните и бизнисите во судскиот систем. Секако, тоа е тежок пат да се исполнат сите критериуми во процесот на проширување. Знаете, почнуваме со владеењето на правото и ќе завршиме. Со тоа, судството е можеби најважниот дел од целиот процес, бидејќи тоа е гаранција за сите права и вредности кои ги делиме во ЕУ, каде што сме партнери, изјави Рејндерс.

Според Рејндерс, има многу што да се работи во иднина, нагласувајќи дека имаат билатерални дискусии со различните партнери и се обидуваат да се подобри независноста и перцепцијата за независност на правосудниот систем.