Дел од експертите сметаат дека посредништвото на Туркије може да надвладее над тврдокорната тактика на Москва и да доведе до продолжување на договорот и по 18 март
Значајниот договор за жито меѓу Украина и Русија истекува оваа недела. Ако двете страни не успеат да го обноват, цените на храната ширум светот веројатно ќе се зголемат поради недостигот на пченица и залихи на ѓубрива.
Спроведувањето на договорот беше надгледувано од Заедничкиот координативен центар предводен од Туркије со седиште во Истанбул, поддржан од ОН. Со помош на договорот Украина извезе речиси 23 милиони тони жито и други прехранбени производи на глобалните пазари.
Кремљ, сепак, смета дека договорот не и бил од голема корист на Русија, бидејќи Москва не можела да продаде поголем дел од своите земјоделски производи поради западните санкции. Сега, Русија бара непречен пристап до светските пазари пред да се согласи да го продолжи договорот.
Но, Јуџин Чаусовски, експерт за одбрана и висок аналитичар во Институтот Њу Лајнс (New Lines), е оптимист за продолжувањето на договорот.
„Генерално, Црноморската иницијатива за жито беше единствениот голем дипломатски договор во кој беа вклучени и Русија и Украина од почетокот на војната и се покажа како многу отпорен и покрај многуте предизвици и пречки, во голем дел поради посредништвото на Туркије и ОН“, изјави Чаусовски.
Но, Грегори Симонс, вонреден професор на Институтот за руски и евроазиски студии на Универзитетот во Упсала, има друго мислење.
„Неизвесно е дали ќе биде продолжен. Сега довербата меѓу завојуваните страни е уште помала“, вели Симонс.
Симонс, сепак, верува дека Туркије веројатно уште еднаш ќе биде клучниот фактор за обновување на договорот. Вклучени во брутална војна повеќе од една година, Украина и Русија имаат многу сличности, кои се движат од религија до историја.
Двата православни словенски народи се исто така меѓу првите пет нации извозници на жито. Сепак, во првите месеци од конфликтот, двете земји не можеа да ја продаваат својата пченица и други земјоделски производи на глобалните пазари како што правеа пред војната.
На врвот на конфликтот, Туркије минатата година ја презеде задачата да посредува меѓу Москва и Киев. Додека светот се бореше со недостиг на жито и најавената криза со глад од библиски размери, турското посредување вроди со плод во форма на Црноморската иницијатива за жито, која обезбеди снабдување со жито на земјите кои имаа потреба, особено оние на југот и другите региони. Тоа им овозможи на Украина и Русија да го извезуваат своето жито.
Русија бара отстапки
Според Симонс, Украина е подготвена да го продолжи договорот без никакви предуслови, но Русија може да побара гаранции дека Украина ќе испорача повеќе залихи во Африка, наместо да ги испраќа повеќето од нив на европските пазари, рече Симонс.
„Така, Русија може да ја принуди Украина да го одржи ветувањето за снабдување на глобалниот југ, нешто од што Украина се откажа“, изјави Симонс.
Но, Стивен Пајфер, поранешен американски амбасадор во Украина и нерезидентен висок соработник во Институтот Брукингс, верува дека долгогодишните приговори на Русија може да го попречат извозот на жито на глобалниот југ по истекот на договорот.
„Ми се чини дека големо прашање е дали Русија ќе го блокира проширувањето и ризикува да биде видена на глобалниот југ како таа што ги блокира украинските пратки на жито“, изјави Пајфер.
Дека Русија има одредени резерви за договорот иако Украина сака да се обнови, смета и Јасар Сари експерт во Евроазискиот истражувачки центар Хајдар Алиев на Универзитетот Ибн Халдун.
Според Чаусовски, за загриженоста на Русија било разговарано за време на неодамнешната посета на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш на Украина, што сугерира дека се прават напори да се најде решение за резервите на Москва.
„Русија има свои интереси да дозволи пратките да поминат или не, што ќе треба да се задоволи. Украина и нејзините западни покровители имаат свои интереси и цели, но може да бараат некои отстапки“, вели Симонс.
И покрај резервите на Москва за обновување на договорот за жито, медиумските извештаи сугерираат дека санкциите на Западот не се директно насочени кон рускиот земјоделски сектор. Наместо тоа, каскадниот ефект на санкциите е тој што му штети на московскиот платен, логистички и осигурителен сектор – клучните столбови на извозниот синџир.
Улогата на Туркије
Симонс верува дека обновувањето на договорот бара многу напор и високо квалификувана дипломатија, нешто за што Западот не е способен во оваа фаза. Но, професорот смета дека Туркије, која ја усовршува дипломатијата во украинскиот конфликт, може да ги убеди двете страни да го продолжат договорот.
Работиме напорно за непречено спроведување и понатамошно продолжување на договорот за жито од Црното Море, рече Мевлут Чавушоглу, турскиот министер за надворешни работи на Конференцијата на ОН за најмалку развиените земји во Доха, Катар минатата недела.
Симонс смета дека со оглед на продолжувањето на тензиите меѓу Западот и Русија, преговорите за продолжување на договорот ќе бидат потешки.
„Општиот недостаток на доверба и непријателство што се создаде е главна пречка“, вели професорот.
Според Симонс, Туркије има свои интереси во однос на нејзината улога како балансирачка сила во меѓународните односи, зголемувајќи го својот глобален статус на бренд како чесен посредник. Како резултат на тоа, како и минатогодишниот револуционерен договор, турската дипломатија може уште еднаш да ги убеди двете страни да се помират да го обноват договорот, вели тој.
„Тукије одигра клучна улога, заедно со ОН, во посредувањето и олеснувањето на договорот за жито, а Анкара докажа дека има доволно моќ и со Москва и со Киев за да го одржи договорот во сила речиси една година. Така, може да се очекува дека Туркије ќе направи се што е во нејзина моќ за уште еднаш да го продолжи договорот“, вели Чаусовски.
TRT Balkan