Морничав обид за убиство на свештеник во Италија: Мафијаш истури белило во вино за причест

Осомничен мафијашки гангстер ставил белило во виното за причестување во дрзок обид да отруе парохиски свештеник познат по тоа што зборувал против организираниот криминал.

Отец Фелис Паламаро забележал чуден мирис од шишиња со вода и вино додека водел миса во градот Сесанита, во јужниот регион на Калабрија, упориште на моќната мафијашка мрежа Ндрангета.

Веднаш ја прекинал службата и повикал полиција. Тестовите покажаа дека шишињата содржат белило.

Полицијата ги анализира снимките од безбедносните камери за да се обиде да идентификува кој влегол во црквата и ги контаминирал водата и виното со хемикалија.

Внесувањето белило би било особено опасно за свештеник кој страда од астма и срцеви проблеми.

Очигледниот обид за атентат се чини дека е извршен како одмазда за неговата осуда за присуството на Ндрангета во градот, која заработува милиони евра годишно од трговија со дрога и други криминални активности. 

– Сигурен сум дека овој чин на заплашување нема никаква врска со моите парохијани, бидејќи тука сум 10 години и секогаш сум имал добри односи со луѓето во парохијата –  рече свештеникот.

– ,,Нема да дозволиме некој да и’ наштети на парохијата. Никој не може да нè запре во идејата да го уништиме криминалот“, додаде тој.

Овој инцидент не е првпат на овој свештеник да му се закануваат. Пред неколку недели автомобилот му беше изгребан и добиваше заканувачки писма.

– Се чувствувам смирен, иако се надевам дека силите на правдата ќе успеат да дојдат до дното на овие криминални дела – рече тој.

На почетокот на овој месец, откако неговиот автомобил беше оштетен, отец Феличе ги критикуваше „оние кои нè вознемируваат“ , алудирајќи на „Ндрангета“.

– Но, ќе продолжам да се молам за нив  додека не видиме промена кај нив. Сè уште ги сакам, дури и ако секој нивни гест е проникнат со омраза и гнев. Ќе им возвратам со љубов и милост, бидејќи единственото оружје што го знам е простувањето – рече свештеникот.

Други свештеници во градот и граѓански организации, исто така, беа тероризирани, вклучувајќи го и отец Франческо Понториеро, кој доби смртни закани и најде мртва мачка на хаубата на својот автомобил.

 –  Епархијата минува низ период на страдање како резултат на овие заплашувања, кои немаат никаква врска со нормалниот христијански живот на парохиите. Не смееме да попуштиме на овој менталитет – го осуди локалниот католички бискуп Атилио Ностро, нападот врз свештеникот. 

Озлогласената мафија, која се обиде да му наштети на свештеникот во неколку наврати, се верува дека има годишен приход од околу 50 милијарди евра, од кои најголемиот дел доаѓа од трговијата со кокаин.