„Мостот кај Визбегово е опасен за минувачите“: Ангелов ги повика општина Бутел и Град Скопје да го решат проблемот (ВИДЕО)
Градот Скопје и Општина Бутел нека седнат заедно, нека се договорат – кој е одговорен за овој мост. Нека не си ја префрлаат надлежноста едни на други. Нека седнат заедно и нека дојдат да го решат овој проблем, вели директорот на ЦУК
Центарот за управување со кризи (ЦУК) апелира за отстранување на опасностите од мостот кај населеното место Визбегово во Општина Бутел. Од ЦУК велат дека мостот е опасен за граѓаните кои поминуваат по него, но нагласуваат дека опасноста е поголема за оние што минуваат под него.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, вели дека не е работа на Центарот да испитува дали мостот е безбеден и колку, туку да укаже на опасноста на мостот која, како што вели се провлекува повеќе од една година.
„На овој мост се јавува една опасност за граѓаните, тоа се овие камени гранитни коцки од патот коишто се расфрлени и кои најверојатно излегуваат од самиот пат. И покрај моето укажување, во повеќе наврати, повторно можам да ги забележам на самиот агол од мостот. Возилата коишто се движат по овој мост прават силни вибрации. Коцките се само на 30-40 сантиметри од работ на мостот и може да паднат долу на улица. Доколку коцка падне врз возило коешто минува под овој мост, некој може да биде убиен“,вели Ангелов во изјава по посетата на мостот.
Ангелов вели дека од страна на Град Скопје или Општина Бутел биле преземени мерки и ставена е ограда, којашто во „најмала рака“, ја гарантира безбедноста на пешаците, да не одат по тротоарот, којшто, како што вели, веќе го нема.
„Од арматурите висеа бетонски плочки коишто се извадени, за тоа сме благодарни – сепак нешто е преземено. Но, апелирам, алармирам, Градот Скопје, Општина Бутел, нека седнат заедно, нека се договорат – кој е одговорен за овој мост. Нека не си ја префрлаат надлежноста едни на други. Нека седнат заедно и нека дојдат да го решат овој проблем“,додава Ангелов.
Тој ги повика надлежните од Град Скопје и од Општина Бутел да присуствуваат на координативна работна средба за небезбедноста на мостот кај Визбегово која ја има закажано за утре во 11 часот.
Од ЦУК додаваат дека за опасностите од користењето на надвозникот на вкрстувањето на стариот Качанички пат и Јадранската магистрала во Скопје дојави добиле од граѓани преку Европскиот систем за итни повици Е-112.