Муцунски: Не сакаме да имаме јазик во изумирање туку јазик кој повеќе ќе биде афирмиран и промовиран

„Не сакаме да имаме јазик во изумирање, сакаме да имаме јазик којшто повеќе ќе биде афирмиран и промовиран. И тоа значи промоција дома, афирмирање на нашиот јазик дома, но и ширење на знаењето“, истакна Тимчо Муцунски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ на трибината насловена „Јазикот е нашиот идентитет“ организирана по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.

„Што правиме како држава да испратиме македонисти, познавачи на македонскиот јазик кај Македонците што живеат во регионот, во Европа или пак во прекуокеанските земји? Барем во еден летен период, да ги учат децата таму за македонскиот јазик. Колку материјали обезбедуваме? Колку материјали на македонски јазик обезбедуваме за многуте библиотеки ширум светот, кои што се отворени и едвај чекаат од нашите амбасади, конзулати за да добијат во нивниот библиотичен фонд книги и материјали на македонски јазик“, појасни тој.

Муцунски додаде дека и носењето книги во библиотеки ширум светот на македонски јазик е дел од промоција на македонскиот јазик, држава, култура и традиција.

„Јас велам како тоа што е наш внатрешен политички приоритет и се што треба да направиме за младата популација, афирмацијата на македонскиот јазик, на македонската култура и традиција треба да биде и клучен аспект поврзан со нашата надворешна политика“, рече Муцунски.

Тој посочи дека тоа се темели за кои што веќе се размислува во иднина за афирмација и промоција на македонскиот јазик надвор од Македонија.

„Тоа се веќе темели за кои што веќе размислуваме, дел од овие прашања ќе бидат и дел од нашата програмска определба“, заклучи тој.

„Наскоро Македонија ќе добие Влада која што повторно ќе се грижи за македонскиот јазик, за македонската традиција и да ги преземеме тие добри политики кои што дел во минатото се применувале, и дел треба да ги надградиме за да го шириме знаењето за македонскиот јазик. И да инвестираме во големиот број на катедри кои што ги има на странските универзитети. Ние како држава треба да помогнеме и да вложиме“, нагласи Муцунски. 

Пешевска: Негувањето на македонскиот јазик е од огромна важност бидејќи преку него се идентификуваме и во светот

На денешната трибина „Јазикот е нашиот идентитет“ во Кисела Вода организирана од Градскиот комитет на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ свое обраќање имаше претседателката на УЖ на ВМРО-ДПМНЕ, Жаклина Пешевска која што истакна дека негувањето на македонскиот јазик е од огромна важност бидејќи преку него се идентификуваме и во светот а како идна влада треба да се посвети внимание, проекти и програма бидејќи се повеќе се намалуваат говорниците на мајчин, македонски јазик поради големото иселување и се помалку родените деца.

„Огромна чест е да се обратам, на оваа трибина и да говорам за мајчиниот јазик токму на овој ден. Навистина, исклучително е важно да говориме за важноста на мајчиниот јазик бидејќи преку него се идентификуваме, во време кога е тешко да опстоиме и затоа да дадеме важност преку вакви настани на мајчиниот јазик со кој што сме проговориле со кој што комуницираме секој ден но и со тој јазик се идентификуваме ширум светот. Затоа ги иницираме, поддржуваме овие настани кои се традиција и се повеќе посетени“ нагласи Пешевска.

Пешевска кажа дека ВМРО-ДПМНЕ во изминатите години направи многу во собранието за заштита на македонскиот јазик.

„Заштитата на македонскиот јазик институционално што е направено во изминатиот период на последното гласање на законот за заштита на македонскиот јазик во Собранието всушност го обезбедува во голем обем, ја обезбедува заштитата на македонскиот јазик овој закон уште во 2019 година беше два пати поднесуван освен низа јавни расправи ви собранието не го имаше видено светлото на денот. За да пред една година беше повторно поднесен и со иницирање на нашите пратеници, навистина бевме упорни повторно да се стави на комисија за второ читање и со неколку амандмани кои што за среќа со консензус се донесени, се обезбеди, се заштити македонскиот јазик всушност да биде право и должност на секој еден граѓанин според Уставот и да биде прв јазик кој што ќе се применува во сите општини без разлика на етничката застапеност“ нагласи Пешевска.

Пешевска посочи дека како идна влада треба да се посвети многу време, внимание, проекти и програма бидејќи се повеќе се намалуваат говорниците на мајчин, македонски јазик поради големото иселување и се помалку родените деца.

„Сакам да нагласам уште една заштита во минатото што е направена во време кога била ВМРО-ДПМНЕ на власт преку закон за заштита на дијалектите се заштитени во нашата држава за да за жал потоа преку низа некои процеси кои се одвиваа и со меѓународни договори пробаа да се откаже државата од дијалектите во околните држави. Со овие а и со низа постапки во државата сме покажале дека ги почитуваме различностите но секогаш треба да се залагаме за заштита на своето. Затоа што мајчиниот јазик нашиот македонски јазик е нашата куќа нашата татковина. Како идна влада треба да посветиме навистина многу време, внимание, проекти и програма бидејќи се повеќе се намалуваат говорниците на мајчин македонски јазик поради големото иселување и се помалку родените деца. Како идна влада треба да работиме многу во оваа насока“ посочи Пешевска.