Награда на УЕФА за најдобар тренер на годината: Гвардиола, Изаги или Спалети?

– Шпанецот Жосеп Гвардиола (Манчестер Сити) и Италијанците Симоне Инзаги (Интер) и Лучијано Спалети (Наполи) се кандидатите за најдобар тренер во Европа во изборот на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА).

Победникот ќе биде прогласен на церемонијата на ждрепката од групната фаза од Лигата на шампиони 2023/24, што ќе се одржи в четврток, на 31 август, во „Грималди Форум“ во Монте Карло, кога ќе се знае и кој е најдобриот фудбалер и фудбалерка во Европа минатата сезона.

Првичниот скратен избор на тренери за престижната награда го одреди техничката студиска група на УЕФА. За тројцата најдобри кандидати гласаше жири составено од тренери на клубови кои играа во групната фаза на Лигата на шампионите на УЕФА во сезоната 2022/23, Лигата на Европа на УЕФА и Конференциската лига на УЕФА Европа, тренери на машките репрезентации на сојузите на членките на УЕФА и група новинари избрани од страна на Европските спортски медиуми (ESM).

„Од тренерите и новинарите е побарано да изберат тројца најдобри тренери од потесниот избор со тоа што ќе им доделат пет бода, три и еден бод. Конечниот резултат се базира на вкупниот број гласови на тренерите и новинарите. На тренерите не им е дозволено да гласаат за себе“, соопшти УЕФА.

Меѓу тренерите од пошироката листа за наградата се најдоа: Роберто де Зерби (Брајтон – 70 поени), Микел Артета (Арсенал – 67), Златко Далиќ (Хрватска – 49), Хозе Луис Мендилибар (Севиља – 28), Дидие Дешамп (Франција – 26), Дејвид Мојс (Вест Хем – 22), Франк Хаиз (Ленс – 11).

УЕФА денес ги објави и тројцата кандидати за најдобар фудбалер кој настапувал на Стариот Континент во изминатата сезона. За трофејот за најдобар играч на УЕФА жирито ги номинира Белгиецот Кевин де Брујне, Норвежанецот Ерлинг Халанд и Аргентинецот Лионел Меси.