– Документи за стекнување бугарско државјанство по основ на потекло годинава поднеле вкупно 20.817 странци, соопшти бугарскиот министерот за правда Атанас Славов во одговор на пратеничко прашање.
Како што пренесува бугарскиот портал Медиапул, оваа година е забележан значителен пораст на интересот за бугарски пасоши по основ на потекло од Бугарија. За цела 2022 година имало 16.711, во 2021 година – 15.809, а во 2020 година биле креирани 9.639 досиеја.
Најголем број барања поднеле турски државјани (5935), потоа, на второ место се барањата за државјанство од Украина (3141), каде што има голема бугарска дијаспора. Следуваат барања за државјанство од Албанија (2.992), Северна Македонија (2.990), Русија – 2.261, Молдавија – 1.518, Србија – 1.151, Израел – 361 и само четири барања од државјани на Косово.
Минатата година најголем број нови процедури за државјанство поднеле државјани на Украина (4.508), а многу помалку државјани на Турција (3.031), пренесува БТА.
Одделно, во 2023 година се покренати вкупно 2.695 постапки за стекнување бугарско државјанство по основ на натурализација. Станува збор за државјани на Русија, Украина, Ерменија, Ирак, Сирија, Авганистан, Либан, како и лица без државјанство, лица со хуманитарен статус и бегалци. Според законот, бугарски пасоши можат да добијат лица кои претходно добиле право на постојан престој во земјата.