Над 4,5 милиони луѓе загинаа во војни по нападите на 11 септември во САД

Повеќе од 4,5 милиони луѓе загинале од војните по терористичките напади што се случија на 11 септември 2001 година во Соединетите Американски Држави (САД), бројка што продолжува да расте, покажува новото истражување на Универзитетот „Браун“ од Род Ајленд.

Бројките од проектот „Цената на војната“ беа објавени во понеделникот, а станува збор за статистички податоци од изминатите две децении, поточно по 11 септември 2001 година.

Во извештајот се проценува дека речиси еден милион луѓе (906.000-937.000) директно загинале во војните во Авганистан, Ирак, Пакистан, Сирија, Јемен, Либија и Сомалија.

Повеќе од 3,5 милиони луѓе (3.588.000-3.716.000), пак, починале индиректно од фактори поврзани со војните, како што се пропаднати економии, екстремна сиромаштија, неисхранетост и ширење на болести како што се колера и сипаници.

Бројот на директни и индиректни смртни случаи се приближно меѓу 4,5 милиони и 4,6 милиони луѓе, а бројките продолжуваат да растат поради конфликтите во светот.

„Овие војни траат за милиони луѓе низ светот кои живеат во војни и умираат од нивните последици“, се наведува во извештајот и се нагласува дека жените и децата „го трпат поголемиот товар од овие влијанија“.

Иако проектот не ја префрла вината на одредена земја, САД се посебно наведени за нивната улога во многу од овие странски конфликти по 11 септември 2001 година, особено за жртвите во изминатите 20 и повеќе години во Авганистан.

„Иако во 2021 година САД ги повлекоа воените сили од Авганистан, официјално завршувајќи ја војната што започна со нивната инвазија 20 години претходно, денес Авганистанците страдаат и умираат од причини поврзани со војната со повисоки стапки од кога било“, се истакнува во извештајот.

Проектот „Цената на војната“ истакнува дека се потребни многу повеќе истражувања за да се соберат посоодветни податоци „со цел раководење на интервенциите кои ќе спасат животи“.

„Потребни се повеќе студии за влијанието на војната во уништувањето на јавните услуги, особено надвор од здравствениот систем, врз здравјето на населението“, се додава во извештајот. „Оштетувањето на водоводните и санитарните системи, патиштата и комерцијалната инфраструктура како што се пристаништата, на пример, имаат значителни, но помалку перципирани последици.“

Проектот, исто така, ги повика владите низ светот, вклучително и на САД, да преземат одговорност за санирање на штетата нанесена од овие војни.

„Репарациите, иако не се лесни или евтини, се императив“, се заклучува во студијата.

ИЗВОР: ТРТ БАЛКАН