НАкС: Потребно транспарентно финансирање, а не зголемување на студентската партиципација

Независниот академски синдикат (НАкС) денеска соопшти дека дискусијата по повод отпочнување на разговори од страна на раководството на УКИМ за зголемување на висината на студентската партиципација е во погрешна насока и нема да го реши проблемот со финансирањето на високото образование и науката во државата.

Од НАкС сметаат дека универзитетите треба да предлагаат решенија кои се во насока на подобрување на транспарентноста на финансирањето и реализацијата на буџетот од Министерството за образование и наука, а не во зголемување на издатоците на грбот на студентите.

-НАкС, од своето основање во 2016-та година до денеска, се бори за воведување на транспарентен систем на финансирање во високото образование. Со ова подразбираме создавање јасна методологија за креирање на буџетот на Министерството за образование и наука, со воспоставени критериуми за распределба и реализација на средствата кон различните високообразовни и научни институции, и секако, критериуми по кои се формираат платите на кадарот во секторот високо образование и наука, соопштија од синдикатот.

Студентската партиципација, сметаат од НАкС, треба да се користи исклучиво за подигнување на студентскиот стандард, вклучувајќи ги опремата и материјалите кои им се потребни за да бидат подобри студенти, а никако за покривање на другите трошоци на универзитетите.

-Одговорноста за финансирањето на високообразовните и научните установи припаѓа исклучиво на државата и ресорните министерства, а понатака на раководствата на универзитетите и факултетите, велат од синдикатот.

Ова доаѓа по објавите во медиумите за наводно зголемување на партиципација на студентите. Претседателот на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Александар Николовски  изјави дека тоа не е барање на Министерството за образование, туку станува збор за внатрешни процедури на УКИМ.