„НАТО мора да остане цврст во поддршката на Украина“, истакна Столтенберг

– Министрите за надворешни работи на НАТО се состануваат денес и утре во Брисел за да ја одбележат 75-годишнината од формирањето на воената алијанса и се подготвуваат за самитот во Вашингтон закажан за јули годинава.

Пред важниот состанок Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО, истакна дека мора да останат цврсти во поддршката за Украина, но и да ја сменат динамиката на поддршка бидејќи „Украина има итни потреби“.

„НАТО е втемелен на едно свечено ветување: напад врз еден сојузник е напад врз сите. Од тој темел го изградивме најмоќниот и најуспешниот сојуз во историјата. Во изминатите 75 години отворената врата на НАТО помогна во ширењето на демократијата и просперитетот во Европа“, рече Столтенберг.

Потоа генералниот секретар се осврна на војната во Украина што трае повеќе од две години.

„Последните денови Кремљ започна нови големи напади, гаѓајќи ги украинските цивили и инфраструктурата. Русија продолжува да прави притисок по должината на линијата на фронтот. Затоа мора да останеме цврсти во нашата поддршка на Украина. Го поздравувам и тоа што сојузниците продолжуваат да вршат големи испораки на оружје, муниција и опрема“, рече Столтенберг и додаде:

„Но Украина има итни потреби. Секое доцнење во давањето поддршка има последици на бојното поле додека зборуваме. Затоа мора да ја смениме динамиката на нашата поддршка. Мора да обезбедиме сигурна и предвидлива безбедносна помош за Украина на долг рок.“

Столтенберг наведе дека министрите разговарале за тоа како НАТО може да преземе поголема одговорност за координација на воената опрема и обука за Украина.

„Ќе разговараме нашата поддршка да ја одржиме со повеќегодишната финансиска обврска. Овој министерски состанок ќе постави база за постигнување консензус за вакви прашања додека се подготвуваме за самитот во Вашингтон. НАТО-сојузниците даваат 99% од вкупната воена поддршка за Украина. Значи, доколку работиме повеќе под НАТО, нашите напори би биле поефикасни и поефективни. Москва треба да сфати дека не може да ги постигне своите цели на бојното поле“, порача првиот човек на НАТО.

Столтенберг, исто така, нагласи дека Украина ќе стане членка на НАТО.

„Прашањето е кога, а не дали.“

Столтенберг го истакна и фактот дека оваа година рекорден број сојузници ја исполниле целта на НАТО за издвојување 2% од БДП за алијансата и се радува на натамошниот напредок.