Во обраќањето на Нордискиот самит САМАК во Хелсинки, Финска, Столтенберг истакна дека рускиот претседател Владимир Путин „се подготвува за повеќе војна“
НАТО е „сè повеќе загрижен“ дека Кина, која неодамна предложи мировен план од 12 точки за ставање крај на војната во Украина, може да ѝ достави оружје на Русија, изјави денес шефот на Алијансата, Јенс Столтенберг.
Во обраќањето на Нордискиот самит САМАК во Хелсинки, Финска, Столтенберг истакна дека рускиот претседател Владимир Путин „се подготвува за повеќе војна“ бидејќи „започнува нови офанзиви, мобилизира повеќе трупи и посегнува по Северна Кореја и Иран повеќе оружје”.
„Исто така, сè повеќе сме загрижени дека е можно Кина да планира да обезбеди смртоносна поддршка во корист на Русија“, рече тој, повикувајќи го НАТО да продолжи да ја поддржува Украина.
Тој истакна дека дури и кога војната ќе заврши, НАТО „мора да го прекине кругот на руска агресија“ со тоа што ќе ѝ овозможи на Украина да може да одбие и да се одбрани од идни напади.
Столтенберг го повика НАТО да обезбеди долгорочни безбедносни ангажмани за Украина бидејќи земјата припаѓа на „евроатлантското семејство“.
„Крајот на оваа војна нема да биде враќање во нормала во нашите односи со Русија“, бидејќи Москва ја „размонтира целата архитектура за контрола на оружјето“, додаде тој.
Според Столтенберг, земјите од НАТО мора да се посветат повеќе на буџетот за одбрана, дури и ако тоа значи ризикување за намалување на трошоците за други политики со цел да се зачува безбедноста во „сè поопасниот свет“.
Челникот на НАТО ја поздрави подготвеноста на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за продолжување со разговорите за ратификација на членството на Финска и Шведска во НАТО и рече дека страните ќе се сретнат следната недела во Брисел.
„Време е да се финализира процесот, и да ги имаме Шведска и Финска како полноправни членки во нашата алијанса“, рече Столтенберг.