Светот денеска го слави Денот на љубезноста. А, ако правите добро, Ве чека долговечност – гласи заклучокот на научниците од Универзитетот на Мичиген и Универзитетот на Бафало.
Науката потврди: Добрите луѓе помалку се разболуваат, имаат подобар имунитет и здраво срце. Во текот на пет години, истражувачите го следеле семејниот живот на над 400 парови. Се покажало дека обѕирните луѓе кои покажуваат внимание и грижа кон партнерот или партнерката, се разболуваат двапати поретко, и живеат во просек 9 години подолго од другите. Истражувањата покажуваат дека луѓето кои „прават добро“, доживуваат пониски нивоа на стрес.
Тоа ја посочува врска меѓу својството да се биде љубезен и да им се помага на другите без очекување ништо за возврат, несебичноста и – помалата опасност од рана смрт.
Според Универзитетот во Висконсин-Медисон, алтруистите во канцеларијата, на пр. се посклони кон својата работа и помала е веројатноста да ја напуштат. Дополнително, љубезноста го подобрува и менталното здравје, како и чувството на среќа поради зголеменото ниво на серотонин, ендорфин, допамин и окситоцин, па така, тоа го спречува и лошото расположение.
На 13 ноември 1998 година, во Токио се одржала првата Конференција на „Светското движење за добрина“, на којашто учествувале луѓе од Австралија, Јапонија, Тајланд, Сингапур, Велика Британија, Канада и САД. Тогаш е усвоена и „Декларацијата на љубезноста“ што на луѓето им порачува да заборават на самољубието, да размислуваат повеќе за другите околу себе и да престанат да робуваат на етничките, расни, полови, верски разлики. Францускиот уметник Орел (Орелијан Фромен) нацрта посебен симбол за оваа пригода – отворено срце.
На овој датум се слави и Меѓународниот ден на слепите лица. Обединетите Нации во 1946 година го избрале 13 ноември, зашто тогаш се родил францускиот благородник Валентин Ауј – докажан борец за правата на слепите лица, обврзувајќи да го направат животот на овие луѓе подостоинствен.