Научници: Можеби ја откривме причината за најголемиот земјотрес досега на Марс

Веројатна причина за најголемиот сеизмички настан што некогаш бил забележан на Марс е откриена по студија предводена од Британија. Земјотрес со јачина од 4,7 степени беше регистриран од лендерот InSight на НАСА на 4 мај минатата година. Споменатиот настан предизвика вибрации кои одекнуваа низ планетата шест часа.

Најпрво се мислеше дека е предизвикано од удар на метеорит, за кој се знаеше дека резултираше со слични потреси во минатото. Меѓутоа, по пребарувањето на огромната површина на планетата, која зафаќа 144 милиони квадратни километри, меѓународниот истражувачки тим не најде ни трага од свеж кратер.

Резултатите, објавени во списанието Geophysical Research Letters, покажуваат дека Марс е многу посеизмички активен отколку што веруваа научниците. Водачот на студијата, д-р Бенџамин Фернандо од Универзитетот во Оксфорд, смета дека резултатите би можеле дури да покажат каде е безбедно да се живее доколку амбициите на Илон Маск да го колонизира Марс станат реалност.

Напорна потрага по кратерот

„Сè уште мислиме дека Марс денес нема активна тектоника на плочи, така што овој настан веројатно е предизвикан од ослободување на притисокот во кората на Марс. Тоа е резултат на милијарди години еволуција; вклучувајќи ладење и собирање на различни делови од планета со различни стапки“, рече тој. 

„Сè уште не разбираме целосно зошто некои делови од планетата се под поголем притисок од другите, но резултатите како овие ни помагаат да истражуваме понатаму. Еден ден, оваа информација може да ни помогне да разбереме каде би било безбедно за луѓето да живеат на Марс , и кои места треба да ги избегнуваме“, додаде тој. 

Потрагата по кратерот по земјотресот беше голем напор. Тоа е затоа што иако Марс е помал од Земјата, недостатокот на океани значи дека површината на земјата е слична, пишува Sky News .

Пример за успешна соработка меѓу државите

Масовната потрага бараше соработка меѓу вселенските агенции и научниците ширум светот, вклучително и Европската вселенска агенција, Кинеската Национална вселенска агенција, Индиската организација за вселенско истражување и вселенската агенција на Обединетите Арапски Емирати.

Споменатите агенции понудија да ги користат нивните сателити и се верува дека е првпат сите мисии во орбитата околу Марс да соработуваат на еден проект. Работата во Оксфорд ја водеше д-р Фернандо, кој истакна дека овој случај треба да „послужи како образец за продуктивна меѓународна соработка во длабоката вселена“.

Патем, земјотресот беше еден од последните настани снимени од лендерот InSight пред да се исклучи минатиот декември, повеќе од четири години по слетувањето на Марс