Началникот на израелската Армија наредил „планови за копнена операција“ во Либан

– Началникот на Генералштабот на израелската војска, Херзи Халеви, му наложил на генералот Моше Чико Тамир да „подготви неколку можни планови за копнена операција во Либан“, објавија израелските медиуми.

„Поради можноста да избие општа војна на север, израелската Армија подготвува опција за копнена операција во Либан“, објави израелскиот „Канал 13“.

„Началникот на Генералштабот на војската, Херзи Халеви, го назначи бригадниот генерал Чико Тамир да формира план за започнување на копнен маневар против Хезболах“, се додава.

Каналот истакнува дека „Тамир имал големо искуство во северниот сектор поради неговата последна функција како заменик-командант на Северниот корпус на израелската Армија“.

„Тамир ќе развие неколку планови за упад од различен вид, вклучително и лимитирано навлегување, кое има за цел да го поттикне Хезболах да се повлече осум до 10 километри од границата“, објави Каналот.

„Израелската Армија соопшти дека гласините кои велат дека ќе тргне против Хезболах на 15 март се неточни“, додаде Каналот.

Израелската Армија официјално не ги коментираше наводите.

Тензиите покрај границата меѓу Либан и Израел се разгореа и се проследени со наизменична размена на оган меѓу израелските сили и Хезболах. Тоа се најсмртоносните судири откако двете страни беа во војна во 2006 година.

Пограничните тензии доаѓаат во време на израелската воена офанзива во Појасот Газа во која досега загинаа над 30.800 луѓе, која започна по упадот на Хамас на 7 октомври 2023 година.

Се проценува дека најмалку 300 луѓе се загинати во израелските напади во Либан од почетокот на судирите во октомври минатата година. Според израелските податоци, загинати се и речиси 20 Израелци.