Најмалку осум лица загинаа во израелско бомбардирање на црква каде што имаше засолнети раселени Палестинци

– Најмалку осум лица загинаа во израелски напад врз историската грчка православна црква „Свети Порфириј“ каде што се засолниле раселени цивили во Појасот Газа.

Во вестите објавени од палестинската новинска агенција ВАФА се наведува дека најмалку осум лица, меѓу кои деца и жени, се загинати, а десетици се повредени во израелски напад врз грчката православна црква.

Наведено е дека загинатите и повредените сѐ уште се под урнатините, а спасувачките и екипите на итна помош се обидуваат да дојдат до нив.

Нападот предизвика сериозна штета на историската црква, а уништена е и зградата во нејзина близина.

Наведено е дека од нападот целосно е уништена зградата на Советот на црковни претставници, каде што христијанските и муслиманските палестински семејства се засолниле во потрага по безбедно место.

Грчката православна црква „Свети Порфириј“, поврзана со англиканската црква во Ал-Кудс (Ерусалим), се наоѓа на околу 250 метри од баптистичката болница Ал-Ахла во Газа, која Израел ја бомбардираше на 17 октомври, предизвикувајќи смрт на стотици луѓе.

Познато е дека на подрачјето врз кое Израел изврши напад живеат околу 1.000 христијани, а оние чии куќи се уништени се засолниле во црквата и нејзините згради за заштита.

Грчката православна црква е трета најстара во светот, а нејзината оригинална градба датира од 425 година.

Израел ја бомбардира Газа по ненадејниот напад на Хамас на 7 октомври и ја стави целата енклава под блокада, оставајќи ги нејзините 2,3 милиони жители со малку храна, вода, гориво и медицински материјали.

Палестинското Министерство за здравство објави дека во израелските напади врз Газа досега загинале 3.785 лица, од кои 1.524 се деца, а над 12.000 се повредени.