Најмалку 11 загинати во свлечиште во Индонезија, 50 лица се водат за исчезнати

Најмалку 11 лица загинаа, а 50 се водат за исчезнати во регионот Натуна, во Индонезија, откако свлечишта предизвикани од обилните врнежи затрупаа куќи и други објекти, соопшти денеска државната агенција за ублажување на катастрофи.

Официјален претставник на агенцијата во провинцијата, Џунаина, изјави дека бројот на жртвите може да се зголеми, а телекомуникациите во областа се прекинати, пренесуваат британските медиуми.

-Времето е променливо, но ветерот се уште силно дува. Плимните бранови се уште се високи, рече Џунаина.

Британските медиуми објавија дека преживеани се евакуираат и од регионот Сирасан, а во тој регион е испратена спасувачка екипа.

Според британските медиуми, областа зафатена од свлечиштата се наоѓа на оддалечен остров, на пет часа возење со брод од градот Натуна.