Најмалку 31 лице го загуби животот во поплавите во Сомалија

Во поплавите предизвикани од обилните врнежи животот го загуби најмалку 31 лице во Сомалија, соопштија денеска локалните власти.

„Речиси половина милион луѓе се раселени поради поплавите во таа земја од октомври, додека на југот на земјата е предизвикана огромна материјална штета“, изјави за новинарите министерот за информации Дауд Авејс.

Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања, која обезбеди 25 милиони долари за ублажување на влијанието на поплавите, во соопштение пред неколку дена предупреди на „поплава која е статистички веројатна само еднаш во 100 години, со големи хуманитарни последици“.

Приближно 1,6 милиони луѓе во Сомалија би можеле да бидат погодени од поплави за време на сезоната на дождови што завршува во декември. Канцеларијата на ОН проценува дека може да бидат уништени 1,5 милиони хектари земјоделско земјиште.

Главниот град на земјата, Могадишу, е погоден од големи поплави кои го попречија транспортот и носеа луѓе, меѓу кои и деца и постари лица.

Поплавите ја зафатија и соседна Кенија, каде според податоците на кенискиот Црвен крст има 15 загинати. Најпогодени беа пристанишниот град Момбаса и североисточните окрузи Мандера и Ваџир.