Најмалку 49 лица загинаа во руски ракетен напад врз продавница за храна во областа Харков

Најмалку 49 лица загинаа денеска во руски ракетен напад врз продавница за храна во областа Харков, североисточна Украина, јави УНИАН, цитирајќи го шефот на регионалната воена администрација Олег Синегубов.

Тој истакна дека меѓу убиените во нападот, што се случи околу 13.15 часот  по локално време во селото Гроза, округот Купјан, има и шестгодишно момче. „Нападнати се продавница и кафуле“, изјави Синегубов.

Пред војната селото Гроза имало околу 500 жители.

Непосредно пред тоа, украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека најмалку 47 лица се убиени во руски ракетен напад врз продавница во североисточниот регион Харков, објави украинската државна новинска агенција Укринформ.

„Нападот е извршен во областа Купјан“, напиша Зеленски на Телеграм.

Нападот се случи додека украинскиот претседател е во Гранада, Шпанија, на состанок на Европската политичка заедница.

„Демонстративно брутално руско злосторство – ракетен напад врз обична продавница за храна, целосно намерен терористички чин“, рече Зеленски. Тој нагласи дека „рускиот терор мора да се запре“.

„Секој лидер и секоја земја што не поддржува го штити животот“, додаде украинскиот претседател. Тој рече дека разговарал со европските лидери, конкретно за зајакнување на воздушната одбрана на Украина.