По војната која започна на 24 февруари 2022 година Русија стана најсанкционирана држава во светот и неславниот рекорд го презеде од Иран, државата од Блискиот Исток која долго време беше на врвот
Русија беше соочена со 2.695 санкции пред инвазијата на Украина, а по војната која ја започна пред една година санкциите драстично се зголемија и доби уште 11.327 санкции.
Сега Русија го зазема првото место во светот како држава врз која се изречени најголем број на санкции или вкупно 14.081 мерки против поединци, организации, како и возила, летала и пловни објекти.
Дел од мерките се насочени кон финансискиот, економскиот и енергетскиот сектор на државата, вклучувајќи и санкции за увоз на технологија, се со цел да се отежни воениот поход на Русија.
По војната која започна на 24 февруари 2022 година Русија стана најсанкционирана држава во светот и неславниот рекорд го презеде од Иран, државата од Блискиот Исток која долго време беше на врвот на листата на изречени 4.191 санкции, претежно од Западните земји.
Доставата на „камиказе“ дроновите од Иран за воените операции на Русија беше повод Западните сојузници да побараат нови мерки за санкции против властите во Техеран, со што стана втора најсанкционирана држава по војната.
Иран дури има повеќе нови рестрикции и од Белорусија, земјата сојузник на Русија од чија територија беше премината границата за влез на руските воени сили на украинско тло. Белорусија е исто така на врвот на оваа листа со вкупно 1.155 изречени санкции.
На „црната листа“ се сместени над 9.000 поединци од или поврзани со Русија, додека пак останатите над 2.000 санкции се наменети за правни лица.
Ако се погледне според тоа од кои држави дојдоа санкциите против Русија по избивањето на војната, на првото место е САД со изречени вкупно 1.948 мерки, додека пак воено неутралната Швајцарија направи серија преседани во својата модерна историја и изрече дури 1.782 санкции. Најголем дел од нив за блокирање на финансиските и банкарски текови на руската економија, но и на државата.
Во блокот на изречени санкции против Русија предничат и Канада, Велика Британија, Франција, Австралија, Јапонија и Европската Унија како организација.
Сирија која е втурната во децениска граѓанска војна е на третото место на држави според бројот на изречени 2.643 санкции, кои делумно го отежнаа и хуманитарниот напор за помош на настраданите од земјотресот на 6 февруари годинава.
TRT Balkan