НАЈСКАП ТРАНСФЕР НАПРАВЕН ОД БИЛО КОЈ МАКЕДОНСКИ ФУДБАЛЕР ВООПШТО – Елиф Елмас ќе го облече дресот на Лајпциг за високи 25 милиони евра

Повеќе нема никакви дилеми, македонскиот фудбалски дијамант – Елиф Елмас, ќе го облече дресот на германскиот гигант РБ Лајпциг, а Наполи ќе добие 25 милиони евра од овој трансфер.

Потврда за трансферот утрово беше објавена и од познатиот новинар Фабрицио Романо, кој секогаш ги има официјалните информации пред време, но трансферот го потврди и претседателот на актуелниот италјански шампион, Аурелио Де Лаурентис.

Точно е. Го продадовме Елиф Елмас, сакаше да игра постојано, па го пуштивме да си замине. По неговото заминување ќе мораме да додоведеме едно или две засилувања во средниот ред“, истакна Аурелио Де Лаурентис, пренесоа италјанските медиуми.

До крајот на месецот Елиф Елмас ќе ги помине докторските прегледи во Германија по што ќе стави потпис на договор со Лајпциг.

Ова воедно е најскап трансфер направен од било кој македонски фудбалер воопшто. И претходниот рекорд го држеше Елиф Елмас кој за 16 милиони евра дојде од Фенербахче на инсистирање на Карло Анчелоти во Наполи.

За потсетување, Елиф Елмас дресот на Наполи го носеше четири и пол години, но никогаш не успеа да се избори да биде стандарден првотимец.