НАЈТОПЛА ГОДИНА ВО ИСТОРИЈАТА, ВОЈНИ, ВСЕЛЕНСКА ТРКА… Овие настани ја одбележаа 2023 година и го променија текот на човечката историја

Во турбулентната 2023 година, светот беше сведок на низа настани кои ја одбележаа глобалната сцена. Војната на Израел против Хамас, продолжувањето на руската инвазија во Украина, климатските промени, последиците од пандемијата, терористички напади, политичките пресврти и загубата на познати личности дополнително ја одбележаа оваа година. 

Војната на Израел против Хамас и продолжувањето на руската инвазија на Украина го оддалечија светот од мир во уште една година војна, исто така ова е најжешката година во историјата во која светските лидери покажаа подготвеност да ги испратат фосилни горива во „историјата“. Ова беше уште една година на екстреми. Се водеа жестоки војни на Блискиот Исток и во Украина, „брзо и ефикасно“ започна и заврши конфликтот во Нагорно-Карабах, а бројот на бегалци во светот никогаш не бил поголем и сега ги има 114 милиони, Индијците ги надминаа Кинезите во однос на население, температурите се искачија на рекордно ниво…

Израел и Хамас

Терористичкиот напад на Хамас врз цивилите во јужен Израел на 7. октомври беше поттик за жесток конфликт на Блискиот Исток и хуманитарна криза во Појасот Газа. Палестинските милитанти убија 1.200 Израелци и киднапираа околу 240 луѓе. Израел, откако се опорави од почетниот шок и големите неуспеси во самоодбраната, одговори жестоко како што се очекуваше и тргна да го уништи Хамас.

Крајот на војната не е блиску. Израел предупреди дека тоа може да трае со месеци. Последица на конфликтот е секако порастот на антисемитизмот на Запад и стравот од теоретски напади во Европа. Исламистички напади немаше, но Европа беше шокирана од масакрот на студент во Прага на самиот крај на годината. Напаѓачот, 24-годишен студент, од се уште непознати причини уби 13 лица на Универзитетот во строгиот центар Прага.

Војна во Украина

Војната на Блискиот Исток го оттргна вниманието од руската војна во Украина. Претседателот на Украина, Володимир Зеленски постојано бара поголема воена и финансиска помош, но појасот почна да се стега и во САД.

Финска во НАТО, бунт на Евгениј Пригожин и Вагнер во Русија

Рускиот сосед Финска официјално стана 31-ва членка на НАТО во април, а токму руската инвазија на Украина влијаеше на официјален Хелсинки да одлучи да се приклучи на воената Алијанса по децении воена неутралност. И Шведска го сака истото, но се уште е во чекалната поради Турција и Унгарија.

Во јуни, руската политичка елита ја отфрли одмаздничката кампања на првиот човек на Вагнер, Евгениј Пригожин, кој беше огорчен поради тоа што немаше поддршка од воената елита во војната во Украина. Неговите Вагнерци го окупираа Ростов-на-Дон и за 24 часа стигнаа на 200 километри од добро утврдената Москва. Иако таму веќе започнала паника, а Владимир Путин бил бесен на предавството, Евгениј Пригожин потоа ја запре оклопната колона, наводно по наговор на претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко. На сите им беше ветена амнестија, а на Евгениј Пригожин му беше дозволено да оди во егзил. Само два месеци подоцна, на 23. август, тој загина во сомнителна авионска несреќа.

“Сигурни“ победи на “вечните“ лидери

Претседателот на Кина, Си Џинпинг, обезбеди трет мандат во март, со што стана најмоќниот лидер во земјата по Мао Це Тунг. Кралот на Велика Британија, Чарлс III, беше крунисан во мај на раскошна церемонија во Лондон. Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган победи во вториот круг од претседателските избори во мај. Популистот Роберт Фицо победи во Словачка на почетокот на октомври со ветувања дека ќе ја прекине воената помош за Украина, ќе ја направи надворешната политика независна и цврсто ќе ја чува границата од илегалните мигранти. 

Трка во вселената

Вселенската трка доби нов замав бидејќи Индија стана првата земја која успешно слета вселенско летало на јужниот пол на Месечината, само неколку дена откако летало на Русија се урна на нејзината површина. Трката до дното на морето сепак беше трагична. Подморницата „Titan“ експлодираше при патување од 250.000 долари по човек до потонатиот брод „Титаник“. Загинаа пет патници.

Заминување на јавни личности

Четирикратниот италијански премиер, милијардер, медиумски магнат и политички „шоумен“ Силвио Берлускони почина на 86-годишна возраст. Дипломатот и научник Хенри Кисинџер, кој остави неизбришлива трага во американската надворешна политика, почина на 100-годишна возраст.