Пахор: Ако се покаже дека Србија стои зад случувањата во Косово, тоа е знак дека останува во сферата на Москва

– Поранешниот претседател на Словенија, Борут Пахор, порача дека би бил многу разочаран доколку истрагата покаже дека зад последните случувања на северот на Косово стои официјалната српска политика.

Пахор на конференцијата во Будва, на панелот посветен на иднината на Западен Балкан, рече дека сепак треба да се почека што ќе покаже независната истрага во врска со случувањата за настаните од 24 септември во селото Бањска.

„Не знам што точно се случило, мораме да видиме што ќе покаже истрагата. Но, ако се покаже дека Србија стои зад сето тоа, тоа би значело дека во Белград е донесена одлука дека нема место во ЕУ, туку дека останува во сферата на интерес на Москва. Тоа би била тажна вест и би бил многу разочаран доколку се покаже дека зад сето тоа стои официјалната српска политика“, рече Пахор.

Тој повика на продолжување на дијалогот меѓу Приштина и Белград.

„Верувам дека дијалогот ќе продолжи и останувам поддржувач на проширувањето на ЕУ на целиот Западен Балкан“, рече Пахор.