На Македонија и требаат над 80 милиони евра, ќе добие нов долг од локалните доверители

Над 80 милиони евра е новото задолжување на државата на домашниот пазар. На берзата котираат две нови државни обврзници. Едната е пет години во вредност од над 24 милиони евра, додека другата е 15 години во вредност од близу 60 милиони евра. Каматните стапки се 4,2 и 5,6 отсто.

Задолжувањето е забележано и во календарот објавен на веб-страницата на Министерството за финансии, од каде велат дека е според планот за годинава и обезбедувањето на потребните пари на локалниот пазар се уште е поевтино.

„Целта на Министерството за финансии е да обезбеди средства со поволни услови на локалниот пазар, имајќи ги предвид високите каматни стапки на меѓународниот финансиски пазар“, велат од Министерството.

Но од календарот се гледа дека паралелно со новото задолжување, вчера државата требаше да врати над 26 милиони евра. И по 20-тина дена има нов долг, кој исто така треба да се исплати.

И во следните три месеци државата ќе се задолжува со нови државни обврзници на домашниот пазар. Но и тоа ќе треба да се плати. Во април, мај и јуни ќе бидат исплатени над 143 милиони евра.

Државата планира да собере нови пари од граѓаните. Според календарот овој месец, но и во јули треба да биде објавена нова граѓанска обврзница.