На полноќ започнува молкот за претседателските избори

Денеска е последен ден од кампањата за претседателските избори, кои ќе се одржат на 24 април. На полноќ почнува молкот, што завршува на денот на гласањето во 19 часот. И покрај молкот за претседателските избори, изборната кампања за парламентарните избори закажани за 8 мај ќе се одвива и нема да биде прекината.

Гласачите на седмите парламентарни избори ќе можат да се определат за еден од седуммината кандидати за претседател – петмина мажи и две жени. Кандидирани се актуелниот претседател Стево Пендаровски поддржан од СДСМ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, Билјана Ванковска поддржана од Левица, Максим Димитриевски од движењето ЗНАМ, Стевчо Јакимовски од партијата ГРОМ, Арбен Таравари од коалицијата Вреди и Бујар Османи поддржан од Европскиот фронт.

Карактеристично за овие избори е што тие наместо во недела, ќе се спроведат во среда, ден што Владата го прогласи како неработен. Исто така, овие избори се поклопуваат со изборите за пратеници, а идентификацијата на гласачите повторно ќе биде со апарати за биометриска идентификација.

Вториот круг од претседателските избори, што е извесно дека ќе го има, ќе се поклопи со парламентарните избори на 8 мај, а гласачите кога ќе дојдат на избирачките места пред да ги добијат гласачките ливчиња, ќе треба да се изјаснат дали ќе гласаат за двата избори или не. Доколку не сакаат да гласаат на некој од изборите, нема да можат во текот на денот да се премислат и да се вратат на избирачкото место повторно и да гласаат.

За изборите за претседател во Избирачкиот список се запишани 1.814.317 избирачи. Во изводите од Избирачкиот список за гласање во државата се запишани 1.713.758 избирачи, додека во странство во конзуларните претставништва ќе гласаат 2.569 избирачи.

Во посебниот извод од Избирачкиот список за лицата кои издржување казна затвор или се во притвор, запишани се 2.147 избирачи.