На Родос евакуирани се 19.000 луѓе поради шумски пожари

Министерството за климатски промени и цивилна заштита објави дека 19.000 луѓе се евакуирани во „најголемата досега“ евакуација од шумски пожари.

Околу 19.000 луѓе се евакуирани од грчкиот остров Родос каде пожарите продолжуваат да беснеат веќе шести ден, соопштија властите во неделата.

Министерството за климатски промени и цивилна заштита соопшти дека 19.000 луѓе биле евакуирани во „најголемата досега“ евакуација на шумски пожари.

Тие се префрлени од 12 села и неколку хотели, а иако нема пријавени жртви, шест лица се хоспитализирани со респираторни проблеми.

Дури 266 пожарникари и 49 противпожарни возила беа на терен и го гаснеа пожарот, со помош на пет хеликоптери и десет авиони.

Се очекува во текот на денот во акцијата за гаснење на пожарот да се приклучат уште 15 противпожарни возила.

Министерството додаде дека на островот се и противпожарни бригади од Словачка, Турција, Франција и Хрватска.

Во меѓувреме, најголемиот европски оператор за одмор TUI Group ги откажа летовите и резервациите за одмор на грчкиот остров до вторник.

Снимките споделени на социјалните мрежи покажуваат многу туристички групи кои чекаат да бидат контактирани од нивните авиокомпании или тур-оператори за да се вратат во нивните земји.

Грчкото Министерство за надворешни работи на Твитер објави дека на меѓународниот аеродром Родос ќе постави помошен пулт за да го олесни заминувањето на посетителите во соработка со соодветните амбасади.