Недостаток – повеќе нема да извезуваат нафта?

Аргентина може да им забрани на локалните производители да извезуваат нафта од земјата доколку не обезбедат соодветно снабдување на домашниот пазар.

Ова го изјави аргентинскиот министер за економија и претседателски кандидат Серхио Маса.

„Ако снабдувањето со гориво не се реши до вторник на полноќ, компаниите нема да можат да испраќаат бродови со нафта за извоз почнувајќи од среда. Аргентинската нафта пред се им припаѓа на Аргентинците“, рече Маса, според Блумберг.

Ројтерс ги цитира претставниците на аргентинската влада дека недостигот на гориво наскоро ќе стане минато и дека наскоро во земјата ќе пристигнат 10 бродови со увезено гориво.

Дистрибуцијата на овој енергенс ќе трае неколку дена, изјави министерката за енергетика на Аргентина, Флавија Рожон, а пренесува порталот oilprice.com.

Според локалните медиуми, Владата на Аргентина не успеала порано да обезбеди доволно гориво од увозот поради недостиг на долари, што предизвикало недостиг во земјата и долги редици на бензинските пумпи.

Годишната стапка на инфлација во Аргентина во септември изнесуваше речиси 140 проценти.