Следува двоен шок? Светска банка предвидува три сценарија

Ескалацијата на последниот конфликт на Блискиот Исток во најлошото сценарио може да ја доведе цената на нафтата до 157 долари за барел.

Ова се наведува во најновата прогноза што денеска ја објави Светската банка (СБ) за пазарите на суровини.

Извештајот дава прелиминарна проценка на потенцијалните краткорочни импликации од конфликтот на пазарите на стоки.

Според веб-страницата на Светска банка, ефектите од конфликтот врз цената на стоките ќе бидат ограничени доколку конфликтот не се прошири.

Според основната прогноза на СБ, просечните цени на нафтата во тековниот квартал ќе бидат 90 долари за барел, а следната година ќе паднат на 81 долар за барел поради забавувањето на економскиот раст.

Доколку конфликтот меѓу Израел и палестинското движење Хамас се разгори и се прошири, СБ предвидува три сценарија.

Во сценариото за „мал прекин“ во снабдувањето, глобалните резерви на нафта би се намалиле за 500.000 до два милиони барели дневно – приближно еднакво на падот забележан за време на либиската граѓанска војна во 2011 година.

Според ова сценарио, цената на нафтата првично би се зголемила меѓу три и 13 отсто во однос на просекот за тековниот квартал – во опсег од 93 до 102 долари за барел.

Ако се оствари сценариото за „средно нарушување“, приближно еквивалентно на последиците од војната во Ирак во 2003 година, глобалните резерви на нафта би се намалиле за три до пет милиони барели дневно.

Ова првично би ги зголемило цените на нафтата за 21 отсто на 35 отсто и тие би биле меѓу 109 и 121 долар за барел.

Сценариото за „големо нарушување“, споредливо со арапското нафтено ембарго од 1973 година, предвидува намалување на глобалните резерви на нафта од шест до осум милиони барели дневно.

Во тој случај цените би пораснале за 56 до 75 отсто и би се движеле меѓу 140 и 157 долари за барел.

„Ако конфликтот се разгори, глобалната економија ќе се соочи со двоен енергетски шок за прв пат по децении – не само поради војната во Украина, туку и поради Блискиот Исток“, предупреди главниот економист на Светска банка, Индермит Гил.