Незапирливиот Златан испиша историја: Ибрахимовиќ стана најстариот играч кој постигнал гол во Серија А!

Фудбалерот на Милан, Златан Ибрахимовиќ стана најстариот стрелец во историјата на Серија А.

Тој на 41 година и 166 дена ја затресе мрежата на Удинезе и со тоа го престигна легендарниот Костакурта кој постигна гол на 41 година и 25 дена.

Ова е само прв гол за Ибрахимовиќ на четири одиграни натпревари оваа сезона.

Да потсетиме, Златан беше надвор од терените осум месеци поради тешка повреда на коленото. Тој на теренот се врати на 26 февруари на натпреварот против Аталанта, кога во 74. минута го замени Оливие Жиру.

Сепак, тоа не е сè – Златан на истиот меч стана и најстариот капитен во историјата на Милан.

Во текот на својата импресивна кариера, Ибрахимовиќ играше за бројни големи клубови. Кариерата ја започна во Малме, потоа играше за Ајакс, Јувентус, Интер, Барселона, Милан, Пари Сен Жермен, Манчестер Јунајтед, Лос Анџелес Галакси, а потоа повторно се врати во Милан. Насекаде остави неизбришлива трага.

Интересно, тој го постигна својот прв гол во Серија А на 12 септември, 2004 година, во дресот на Јувентус.