Необично видео го шокираше регионот, човек во Босна храни мечка и и се извинува дека не добил пензија за да и купи повеќе пченка

Во босанскиот град Вареш, една необична средба меѓу маж и мечка стана вирална на социјалните мрежи.

 На видеото се гледа човек кој очигледно се спријателил со мечката која редовно ја храни.

Во видеото, еден човек, по име Паво, ја храбри мечката да ја јаде храната што и ја дава:

„Ајде, јади… Не плаши се… О, не плаши се, мечка моја, твојот Паво нема да те допре… Само изеди си го ручекот. Ајде, ручај медо мој… Не плаши се, болан… Немој ти мене да ме нападнеш, нема ниту јас тебе“, се слуша како мажот ја охрабрува мечката.

Мечката повремено застанува на задните нозе и гледа директно во човекот додека зборува.

„Ајде ручај.. На крајот сме со пченката, ама ќе засилиме, ако даде Бог, утре ни е пензијата“, додава човекот.

Не се знае кога точно е снимено видеото, но мечката очигледно станала дел од локалната заедница во селата Мир и Ступни До кај Вареш.

Не се познати идентитетот на човекот Паво, како и деталите како се спријателил со мечката. Сепак, ваквите необични средби не се ретки во руралните области на Босна и Херцеговина, каде што често се случува дивите животни да дојдат во близина на човечки населби во потрага по храна.

Ова не е прв пат човек и диво животно да воспостават необична врска.

Пример за тоа е Петар Тубиќ од Горња Пакленица кај Добој, кој живее со мечките Маша и Љубица, кои како младенчиња ги спасил од сигурна смрт откако останале без мајки во дивината.