Несреќа во илегален рудник за злато во Венецуела: Загинаа најмалку 30 лица

– Најмалку 30 луѓе загинаа, а повеќе од 100 останаа затрупани под земјата по уривањето на илегален рудник за злато во венецуелската покраина Боливар.

Локалните власти соопштија дека несреќата се случила во рудник за злато со кој илегално е управувано во градот Ангостура.

Властите наведоа дека досега во несреќата животот го загубиле 30 лица, а повеќе од 100 се затрупани.

Државниот секретар за граѓанска безбедност на покраината Боливар, Едгар Колина Рејес, на новинарите им изјави дека независна комисија пристигнала во регионот и започнала сеопфатна истрага за инцидентот.

Екипите за претрага и спасување се упатени во градот со хеликоптери.

Локалните медиуми известуваат дека уривањето е предизвикано од свлечиште и дека не се знае точно колку луѓе останале под земјата.

Венецуелската покраина Боливар, сместена на границата со Бразил, позната е по богатите резерви на злато, дијаманти, железо и рудите боксит и колтан.