Нетанјаху: „Демилитаризација на Појасот Газа, слободата на движење на Израел и затворање на УНРВА“

– Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, на својата влада ѝ ја претстави мапата на патот по завршувањето на актуелните напади во Појасот Газа, каде израелската војска продолжува со окупацијата на земјата и продлабочување на хуманитарната криза.

Канцеларијата на израелскиот премиер соопшти дека планот, што Нетанјаху го претстави на седницата на владата, предвидува „демилитаризација на Појасот Газа, зачувување на слободата на движење на Израел и затворање на Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци (УНРВА)“.

Според планот, Израел ќе ја задржи слободата на дејствување по безбедносните и воените прашања во Појасот Газа и на окупираниот Западен брег, и ќе ги спречи „обидите за криумчарење“, создавајќи тампон зона на границата меѓу Египет и Газа во координација со САД.

Мапата на патот што Нетанјаху ја претстави пред владата наложува цивилната управа на Газа да ја извршуваат „професионалци со управувачки вештини“, а според планот, тие луѓе „нема да бидат врзани со држави и организации кои поддржуваат тероризам“ и нема да примаат плата од нив.

Израел ја обвини меѓународната легитимна палестинска администрација со седиште во Рамала за „поддржување на тероризам“ и истакна дека со овој член во мапата на патот сака да ја отстрани од администрацијата на Газа.

Според мапата на патот што премиерот Нетанјаху ѝ ја претстави на владата, Израел ќе работи и на затворање на УНРВА.

Во планот е нагласено дека наместо оваа агенција ОН ќе работи на меѓународни хуманитарни организации, а се наведува и дека обновата на Појасот Газа ќе започне по „потполното разоружување на Газа и елиминирање на радикализацијата“, потенцирајќи дека планот за санација ќе го финансираат „земји што ќе ги одобри Израел“.

Во Нетанјаховиот план се наведува дека Израел не прифаќа „меѓународни наметнувања“ во врска со постоечкиот договор со Палестинците и се предупредува дека „едностраното прифаќање на палестинската држава од страна на меѓународната заедница би била голема награда за тероризмот и дека тоа би го спречил мировниот договор во иднина“.

Во него се наведува дека целите на Израел и понатака остануваат непроменети – вклучуваат елиминација на Хамас и Исламски џихад, ослободување на заробените Израелци од Газа и спречување на какви било закани по Израел.