Крај на една ера во Пари Сен Жермен означи Лионел Меси со неговото неодамнешно заминување, потоа со денови се води битката кому ќе биде продаден Килијан Мбапе, а сега доаѓа веста дека другите најголеми ѕвезди не се во плановите на парижаните.
Нејмар, Марко Верати, Хуго Екитике, Хуан Бернат и Ренато Санчес се пречкртани и повеќе не се смета на нив, пренесува RMC Sport.
Имено, спортскиот директор на клубот Луис Кампос донел ваква одлука во договор со новиот тренер Луис Енрике, а тоа им било соопштено на играчите на денешниот тренинг.
Клубот им порача на петте играчи да си бараат нови средини, а секако најголемо внимание во таа приказна привлекува Нејмар, кој беше почеток на актуелната фаза од проектот на ПСЖ.
Челниците на парискиот клуб платија неверојатни 222 милиони евра за услугите на бразилскиот фудбалер и се очекува да не го пуштат токму така да си замине од Париз.
Клубот сака да врати што е можно поголем дел од инвестицијата, па наводно моменталната цена на Нејмар е 150 милиони евра.
Бидејќи ретко кој европски клуб ќе плати за тоа, решение најверојатно ќе се бара во Саудиска Арабија каде што би можел да заврши и Верати.