Не ги преживеале тешките услови: Две бебиња од болницата Ал Шифа починаа непосредно пред евакуација

Како дел од хуманитарната акција, СЗО помогна во евакуацијата на 31 предвремено родено бебе во неделата, додека 28 бебиња беа пренесени преку границата во Египет преку граничниот премин Рафах.

Портпаролот на Светската здравствена организација (СЗО), Кристијан Линдмајер, извести дека две предвремено родени бебиња починале во опколената болница Ал Шифа во Газа пред евакуацијата што се случи во неделата , пренесува „Ал Џезира“.

Линдмајер нагласи дека децата ги загубиле животите исклучиво поради недостапноста на медицинска нега таа вечер.

Како дел од хуманитарната акција, СЗО помогна во евакуацијата на 31 предвремено родено бебе од болницата Ал Шифа во неделата, додека 28 бебиња беа пренесени преку границата во Египет преку граничниот премин Рафах следниот ден.

Други предвремено родени бебиња се во болници во јужниот дел на Појасот Газа.

УНИЦЕФ соопшти дека 20 од 28 бебиња биле префрлени во Египет без придружба на нивните родители.

Џејмс Елдер, портпарол на УНИЦЕФ, во Женева изјави дека причините за оваа ситуација се различни, вклучувајќи ја и неможноста на некои родители да ја преминат границата, како и губењето на семејствата во случај на некои деца.