Ники Хејли и официјално се повлече од кампањата за републикански претседателски кандидат

– Поранешната гувернерка на Јужна Каролина Ники Хејли денеска на прес-конференција објави дека ја прекинува кампањата за претседателска номинација на Републиканската партија, јави ДПА.

-Дојде време да ја суспендирам мојата кампања. Кажав дека сакам да се слушне гласот на Американците. Тоа и го направив. Не се каам, рече Хејли на прес-конференција во Чарлстон, Јужна Каролина.

„Со голема веројатност, Доналд Трамп ќе биде републиканскиот кандидат. Му честитам и му посакувам се најдобро. Му посакувам добро на секој што би бил претседател на Америка“, додаде Хејли.

Таа им порача на своите поддржувачи да бидат силни и храбри и да не се плашат.

-Не се обесхрабрувајте бидејќи Бог ќе биде со вас каде и да одите, изјави Хејли.

Одлуката за прекин на кампањата значи дека единствениот преостанат кандидат за републиканската претседателска номинација е Доналд Трамп.

На 20-те внатрепартиски избори одржани досега, Хејли победи само во главниот град Вашингтон и Вермонт.