Никола Груевски:Таков рудник има во Финска, до познат скијачки центар! Добро платени НВО со платена кампања го преплашуваат населението со цел да се спречат инвестиции на конкурентни компании

Темата за така наречените „Рудници на смртта“ ги вклучи сите политички чинители и уште повеќе ја загреа и онака жешката политичка реторика меѓу власта и опозицијата. По обвинувањата од страна на потпретседателот на СДСМ и актуелен директор на Царинската управа, Стефан Богоев дека концесијата на рудникот во Иловица е доделена од влада предводена од ДПМНЕ и Груевски на кој токму во тој период советник му беше Христијан Мицкоски и дека Општините Ново Село и Босилово (со градоначалници од ДПМНЕ) имаат гласано ЗА отворање на рудникот, со свој одговор се огласи и Никола Груевски:

-Неточно е дека концесијата за рудникот Иловица е издадена во 2012 и 2013 година.

Издадена е во април 2006 година концесија за истражување, комерцијално истражување на многу позната меѓународна компанија, од страна на владата на СДСМ во тоа време. Разбрав дека сега веќе таа компанија не е во проектот, односно го продала на некоја друга.

Согласно Законот, одкако ќе се издаде таква концесија за истражување на компанија која инвестира во тоа истражување заради комерцијални цели, доколку инвеститорот при истражувањето во кое инвестира големи пари, пронајде руда и побара концесија за експлоатација, односно отворање на рудник, и доколку ја достави целокупната документација и потребни елаборати од реномирани и надлежни институции, владата е должна да му ја издаде таа концесија. Во спротивно ќе плаќа пенали по завршени меѓународни судења и арбитражи.

Според ова, клучниот момент е издадената концесија за истражување издадена во април 2006 година кога јас бев пратеник на партија во опозиција. Сѐ подоцна е неизбежна последица на концесијата за истражување издадена во 2006 година, имајќи во обзир дека искусниот инвеститор доследно ги следи правилата ги и обезбедува сите потребни документи и елаборати.

Кратко по објавувањето на статусот на Никола Груевски повторно се огласи Стефан Богоев кој ја објави Одлуката за доделување на Концеција за експлоатација на минерални суровини, руда и бакар за село Иловица, која е донесена на 16 јуни 2012 година. Богоев објави и видео обраќање на тогашниот премиер Груевски во кое отварањето на рудниците го најавува како стратешка инвестиција и отварање на нови работни места.

Дека Никола Груевски отварањето на рудниците не го смета за животозагрозувачко и опасно по животната средина може да се види и во неговиот последен статус на фејсбук во кое наведува дека:

„Еден таков постои на северот на Финска, земја со мошне високи еколошки стандарди и високо ниво на образование и демократија, во непосредна близина на познат зимски туристички центар, заради што во сезоната на скијање работниците се префрлаат во туристичкиот сектор и рудникот мирува со работа, а потоа се враќаат во рудникот и истиот работи.

Познато е дека вакви ситуации околу отворање на рудници се гледаат во многу други земји на Европа во кои разни добро платени НВО најчесто скриено од конкурентите на инвеститорот, го сензибилизираат и со платена кампања го преплашуваат населението со цел да се спречат инвестиции на конкурентни компании.

Тоа се мали пари за големите рударски магнати, а големи за оние кои ги примаат. Резултатот на тоа е што не може да се отвори ниту еден нов рудник, а старите отворени пред 40-50 или повеќе години со технологии од пред половина век не ни пречат ниту некој отворил прашање или води кампања за здравјето на луѓето кои живеат во нивна близина.“