Николовска: После 30 години исти реколти, време е да ја подготвиме земјата за европско производство

2024 година започна со објавени 4 јавни повици за земја до 3 ха. Повикот на МЗШВ наиде на одличен одзив кај земјоделците, интересот е голем како за легализирање на земја која веќе се користи така и за освојување на нови обработливи површини на кои ќе се произведува храна. Во меѓувреме се најавија новите 13 000 ха до кои ќе дојде вода благодарение на милионските инвестиции во наводнувањето последниве години. Мерки за модернизација на производството, многу нови субвенционирани семејни бизниси и инвестиции во агросекторот.

Вака започна земјоделската 2024 година. Бројките ја потврдуваат заложбата на Владата за зголемено домашно производство на храна.

Од друга страна, (вечното) незадоволство на земјоделците од состојбата, пласманот, откупните цени, висината на субвенциите, начинот, датумот на исплата… Исти фрази со години, истата незаинтересираност на медиумите за едукација земјоделците, јавност со недоволни информации за реалната состојба во аграрот.

Од оваа временска дистанца имаме многу што да жалиме, особено за изгубеното овчарство, намаленото домашно производство на млеко, напуштените ниви, млади кои наместо на своите ниви, работата на плантажите во Италија и Швајцарија. Вината може да ја барате во државата, ама никој не може да се амнестира од состојбата. Погрешни владини мерки, газди што не плаќаа доволно и редовно, младите што сакаат брзо да дојдат до пари, што немаат претприемачки дух, не ризикуваат, немаа идеи за сопствен бизнис… Причините се многу, но малку оправдувања за секого.

Како да (ни) е доста на сите. Поминавме 20 – 30 реколти, сеидби, жетви, гроздобери, откупи на тутун… Само бројките се различни, некаде намалување, некаде зголемување, парите за субвенции се тие, и да сака Владата повеќе не може, не се само земјоделците, треба и за другите граѓани, за другите потреби што се очекува да се помогнат од буџетската каса.

Со земјоделски речник кажано, време е да го ставиме земјоделското производство под угар, да ги искористиме субвенциите за подобрување на плодноста на почвата и да се подготвиме за европската земјоделска перспектива.

Тоа значи, модернизација, дигитализација , нови идеи и бизниси, инвестиции во договорно земјоделско производство кое има решен пласман, зголемување на производството кое е за извоз, конкурентност на домашните производи. Следење на пазарите, здружување на земјоделците, заеднички настап на саеми, освојување на европскиот пазар со квалитет. Мерките кои ги носи Владата се во таа насока. И наместо да се следи темпото кое го наметнува, да се здружуваат земјоделците, да користат советодавни услуги, да започнуваат сопствени семејни бизниси…главна тема е висината на субвенциите кои не секогаш се користат за зголемување на производството. Во меѓувреме незаинтересираност за новитети, алергични на зборот едукација а подложни на партиски агенди, особено во изборни години.

Навистина, да го прибереме родот и да ја почнеме новата „сезона“ која ќе трае до 2030 година, оти и Европската комисија очекува до тогаш да ги завршиме сите „агротехнички мерки“. Земјоделци, да си признаеме сами толку можеме, единствено европската иднина може да го зголеми приносот и квалитетот на родот, а со тоа и профитот.

Да им помогнеме на политичарите или партиите да гледаат подалеку од избирачката кутија, да ја видат иднината и сигурноста на оваа држава која со земјоделското производство и буквално најбрзо може да се постигне. Во една години сеете, во една жнеете, го намалувате увозот, трговскиот дефицит, овозможувате нови површини да се засеат, нови вработувања, развој на селата, рурален развој…Секоја чест за сите што вложуваат, инвестираат во земјоделскиот сектор, неизвесно производство но профитабилно ако го работите како што треба.

ИПАРД беше одличен тест за нашата администација и агрокомлекс кој успешно го положивме. Имаше и тогаш скептици, почна и ова со недоверба, ама лидерското место во регионот во искористеноста на парите им докажа на сите, дека можеме, има капацитет во оваа држава за ЕУ агенда. Почнавме со стотици милиони евра од ЕУ, сега македонскиот аграр го чекаат милијарди. Вреди да ја подговиме земјата за новата сеидба која ќе ни донесе повисок и поквалитетен род на сите.