Ница го суспендира Атал поради видеото со поддршка на Палестина

 Францускиот фудбалски прволигаш Ница објави суспензија на дефанзивецот Јусеф Атал поради публикации за конфликтот меѓу Израел и Палестина на социјалните мрежи.

Дваесет и седумгодишен Алжирец викендот објави видео на социјалните мрежи во кое повикува на „црн ден за Евреите“. Играчот подоцна го избриша видеото. 

Градоначалникот на Ница на социјалните мрежи го повика фудбалерот да се извини и му се закани со исклучување од клубот.

– Раководството на Ница размени мислења со Јусеф веднаш штом тој се врати од репрезентацијата на Алжир. Клубот верува дека играчот ја согледал својата грешка, брзо го избриша видеото и јавно се извини. Сепак, со оглед на природата на публикацијата и нејзината сериозност, клубот одлучи веднаш да ги изрече првите дисциплински санкции против играчот, пред оние што може да ги преземат спортските и судските власти. Поради тоа Јусеф Атал е суспендиран до понатамошно известување, се вели во соопштението на францускиот клуб.

На 17 октомври Мајнц исто така го суспендираше играчот од средниот ред Анвар Ел-Гази од натпревари и тренинзи поради објава на социјалните мрежи за поддршка на Палестина.